Како претседател го користев она што е дадено со Уставот и законите бидејќи Собранието беше распуштено, Владата немаше политички мандат и беше техничка влада, а институциите беа блокирани. Во такви услови мораше нешто да се преземе, и јас тоа го искористи и понудив помирување, изјави претседателот Ѓорге Иванов при денешната посета на Министерството за внатрешни работа.
Запрашан за повлекувањето на одлуката за аболиција, Иванов одговори дека кога се создадоа други околности, кога се создаде нова реалност тогаш имаше можност и да се повлече таа одлука и да се остави политичарите сами да си најдат начин како да дојдеме до помирување.
Мојот предлог, продолжи Иванов, тие не го прифатија и сега е нивна одговорноста како ќе се однесуваме ние како држава, како ќе носиме одлуки и како ќе се справуваме со сите овие закани што ги имаме.
И понудив помирување затоа што во 2001 година ние имавме македонско-албански конфликт. Од тој конфликт излеговме затоа што тогаш Собранието смогна сили и прогласи општа амнестија и таа амнестија беше можност да почне помирувањето кое го имаме, но во овој случај имавме ние македонско-македонски конфликт, изјави Иванов.
Посочи дека најважно од се и покрај тоа што имаме длабока политичка криза е дека нашите институции функционираат и покажуваат и на другите земји како треба да се однесувате во вакви услови.
Кризата како и секојпат ќе пројде, но ќе останат тешките зборови, квалификации, дисквалификации, ќе остане гневот и нервозата која овие денови е пројавена од некои што се сметаат дека се прозвани, рече Иванов.
На прашање во врска со повикот од лидерот на СДСМ Зоран Заев ако има информации за граѓанска војна да ги објави, Иванов рече дека Зоран Заев е тој што повикува на украински сценарија, користење насилство и спречување на изборите.
Тој ја споредува состојбата во Македонија со состојбата во Сирија. Тој е еден од учесниците во случајот Пуч, тој на суд треба да ги каже и признае сите факти кои се во тој случај и каде се сите докази за сето она што е соопштено во јавноста, одговори Иванов.