Одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба е симбол на долговековниот непокор и борба на македонскиот народ за слобода, државност и независност, се ситакнува во честитката до граѓаните на Република Македонија пто во понеделникот Претседателот Ѓорге Иванов ја упати по повод одбележувањето на државниот празник 23-ти Октомври – Денот на Mакедонската револуционерна борба
„Корените на македонската револуционерна борба започнуваат со формирањето на Македонската револуционерна организација, на 23-ти Октомври 1893 година, кога шестемина македонски дејци ги обедини една визија за исполнување на вековниот сон – слободна Македонија“, потсетува претседателот Иванов.
Патот до слободата, се наведува натаму во честитката од шефот на државата, беше исполнет со предизвици, но нивната сплотеност и решителност за остварување на своите идеали им даде сила да истраат пред тешкотиите.
„Пламенот што го разгореа револуционерите го презедоа илинденците, борците во Народноослободителната и антифашистичка борба и АСНОМ-ците кои го остварија стремежот за слободна македонска држава. Без 23 октомври 1893-та не ќе беа можни ниту трите светли Илиндени од 1903-та, 1944-та и 1991-та. Наша должност е да им оддадеме почит на нашите борци за слобода и независност, следејќи го нивниот пат. Како следбеници на нашите предци, почитувајќи ја историската реалност, треба да создадеме иднина за нашите потомци. Почитувани сограѓани, нека ни е честит празникот! Да живее Република Македонија“, порачува претседателот Иванов.