Иванов: Професионалноста, одговорноста и меритократијата да бидат главен белег во дипломатијата

Принципите на професионалност, одговорност и меритократија треба да бидат главен белег во дипломатијата, порача претседателот Иванов во своето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.

 

Говорејќи за дипломатската служба, македонскиот претседател нагласи дека е евидентна потребата од враќање на достоинството во дипломатската професија.

 

„Барам, македонските амбасадори првенствено да ги штитат интересите на Република Македонија и да се грижат за нејзината безбедност, стабилност и благосостојба. Истовремено, неопходно е да се извршат промени во функција на зајакнување на соработката и координацијата меѓу Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и Агенцијата за разузнавање. Само на овој начин Република Македонија во своите надворешни односи ќе зборува во еден глас“, рече Иванов, додавајќи дека изминатиов период со Владата се залагал да бидат договорени неопходните стандарди за професионализам во дипломатијата.

 

Претседателот меѓудругото најави дека деновиве како резултат на неговите разговори, очекува да биде упатена и првата група на професионални дипломати кои соодветно ќе одговорат на надворешно политичките предизвици.