Многумина не очекуваа територијално мала држава како Македонија да биде толку отпорна и цврста пред заканите од илегалната миграција. Сепак, успешно се соочивме со првиот миграциски бран. Покажавме дека имаме Армија и полиција што можат да ја чуваат границата, порача македонскиот претседател, Ѓорге Иванов во својот говор на денешната прослава во Пелинце, по повод националниот празник Илинден.
Република Македонија, рече претседателот Иванов, проактивно се справува со мигрантската и бегалската криза, наместо реактивно.
Излегуваме на крај и со безбедносните закани од насилен екстремизам и тероризам. Спречивме масакри и крвопролевања какви што гледаме насекаде во светот. Затоа, повторно сакам да изразам голема благодарност на нашите безбедносни сили и служби за нивниот професионализам и посветеност. Тие деноноќно ја чуваат нашата безбедност и безбедноста на нашите деца, порача македонскиот претседател.
Иванов предупреди дека вториот миграциски бран е на повидок и дека регионалните кризи и конфликти на Блискиот Исток и Северна Африка ги зголемија ризиците за загрозување на безбедноста на Република Македонија.
Се уште постои висок ризик од заканата од странски терористички борци, посочи тој.
Македонскиот претседател истакна дека првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции.
Јазот меѓу заедничките цели на Европската унија и посебните интереси на државите–членки е се поголем. Со Брегзит, наместо да се обединува и проширува, Унијата полека почна да се фрагментира и намалува, додаде Иванов.
Тој посочи дека речиси секојдневните терористички напади во Европа и светот се новата реалност. – Како држава, ние мора да се навикнеме да живееме и да функционираме во таква реалност. Во вакви сложени услови, повеќе од кога било порано сите ние мора да бидеме сплотени и единствени. Но, дали сме?, истакна во обраќањето претседателот Иванов.
Изминатите 25 години, како што додаде, се покажа дека ние како нација најмногу го сакаме она што го немаме и затоа го запоставуваме она што го имаме – а тоа е државата.