По повод 20 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација, претсдателот Ѓорге Иванов испрати писмо до рускиот претседателот Владимир Путин, информираа од претседателскиот кабинет.
Иванов во писмото истакнува дека Македонија и Русија во изминативе 20 години во своите односи достигнале задоволително ниво, но дека се уште има сфери во кои соработката е недоволна.
„Во изминативе дваесет години, можам да констатирам дека вкупните односи и соработката меѓу двете пријателски земји достигнаа ниво од кое можеме да бидеме задоволни. Во основата на цврстите билатерални односи лежи високиот степен на политички дијалог на сите нивоа. И во оваа пригода сакам да Ве уверам дека во духот на воспоставеното пријателство, меѓусебното разбирање и заемното почитување, во согласност со долгата историска, духовна и културна традиција меѓу нашите народи, како и економските интереси кои претставуваат заеднички императив, Република Македонија, како и досега на развојот на односите со Руската Федерација ќе придава највисоко внимание“, се вели во писмото што шефот на македонската држава му го испратил на лидерот на Руската Федерација.
Иванов потанаму вели дека е подготвен преку средби и посети лично да се заложи за унапредување на односите и соработката меѓу двете земји.
„Приклучувањето на Република Македонија кон Јужен тек, претстојната гасификација на земјата, а кое е резултат токму на заложбите и посветеноста на властите од двете земји, претставува добра основа во таа насока“, пишува на крајот Иванов.