Како што бројот на бегалци ќе се зголемува, така волјата и подготвеноста на Европската Унија да ги прифаќа и интегрира ќе се намалува. Истовремено, мигрантската криза придонесе кон дополнително затегнување на односите меѓу државите, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на свеченото отворање на 19. Евроазиски економски самит кој се одржува во Истанбул.
Претседателот Иванов истакна дека колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците, и дека според одредени статистики трговијата со луѓе станува попрофитабилна од трговијата со наркотици.
Она што дополнително загрижува е што истите канали ги користат и поединците со затворени умови кои со насилни терористички акти сеат насилство. Неодамна, покрај Париз, Брисел, Анкара и Истанбул се најде на ударот на тероризмот и насилниот екстремизам, кои создадоа нова реалност во Европа, рече во обраќањето македонскиот претседател.
Претседателот Иванов порача дека во вакви турбулентни времиња во кои се повеќе владее стравот и неизвесноста, неопходени се мудри решенија за овие горливи предизвици.
Бегалците и мигрантите не се статистика, туку човечки битија, со неотуѓиви човечки права и со вродено човечко достоинство. Секој од нив е човек во потрага по среќа. За post festum да не ја согледаме моќта на немоќните, мора да бидеме хумани кон нив, и да им излеземе во пресрет, истакна Иванов.
Ова е шесто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум, кој се одржува секоја година во организација на Мармара фондацијата. На форумот учествуваат актуелни и поранешни претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина држави.
Во делегацијата предводена од македонскиот претседател е и министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумоф.
Во рамки на работната посета на Турција, македонскиот претседател ќе оствари средба и со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј.