Иванов на средба со владиниот тим за странски инвестиции

Претседателот Ѓорге Иванов ќе оствари средба со членови на владиниот тим за странски инвестиции.

Планирано е во рамки на средбата да се координираат и усогласуваат активностите во економската дипломатија.  Се очекува да бидат разменети идеи, мислења и иницијативи, со цел да се засили економската агенда на претседателот Иванов при неговите дипломатски активности.

Покрај досегашните традиционално добри трговски партнери на Република Македонија и земји од каде имаме присуство на странски инвеститори, да се одредат државите во кои е неопходно во наредниот период да се остварат посети, да се интензивираат контактите и да се унапреди правната рамка во насока на создавање соодветни услови за потенцијалните инвеститори, како и услови за пласман на македонски производи, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.

Согласно изборната програма, македонскиот претседател врши редовни консултации со претставниците на бизнис-заедницата и со релевантните министерства за тоа каде може да се пласираат македонските производи во светот. Во насока на унапредување на македонската економија, при секоја ‎службена и официјална посета во странство, како дел од делегацијата на претседателот Иванов, се селектираат и млади претприемачи, предложени од претпријатијата и стопанските комори.