Иванов-Туск: Потребна позитивна порака за деблокада на македонската интеграција во ЕУ

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Брисел оствари средба со првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, на која побара нов импулс и испраќање позитивна порака во насока на деблокада на интеграцијата на Македонија во Европската унија и почеток на пристапните преговори за членство.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во неговата изјава по средбата, претседателот Иванов потврди дека во фокусот на средбата со Туск била европската иднина на Македонија и се она што го прави земјата за конечно да добие датум за почеток на преговорите, но и состојбата во регионот и во ЕУ, како и прашањето со мигрантската криза што го тресе континентот.

„Туск сакаше да слушне од нас за нашите видувања за состојбите и во Босна и Херцеговина и во Србија. Разговаравме и за мигрантската криза и се она што како искуство го стекнавме од 2015 година, односно какви се новите трендови, што се случува во опкружувањето и слично. Значи, беа отворени темите за европската иднина на Македонија, состојбата во регионот и мигрантската криза, но и за нашата загриженост за состојбите во ЕУ, односно што се случува во последно време во Унијата, како што е случајот со Брегзит, настаните во Каталонија и раздвиженоста што постои во ЕУ за добивање на поголеми права на локално ниво„, посочи претседателот на Македонија во неговата изјава за МИА по средбата.

Запрашан дали ЕУ, но и Македонија, очекува нов мигрантски бран преку западно-балканската рута, на која се наоѓа и македонската држава, претседателот Иванов посочи дека стравот кај нас бил во 2015 година, кога земјата не беше подготвена и немавме искуство и знаење за она што се случуваше.

„Сега има научени лекции и може да се предвиди однесувањето на мигрантите, односно како тие ќе се однесуваат во иднина, рече тој и додаде дека Македонија веќе 27 месеци има зајакнати безбедосни мерки на границата, во што освен македонската армија, помош пружаат и припадници на полициите на земји-членки на ЕУ.

Според шефот на македонската држава, сега во Европа се отвораат нови рути, па голем дел од мигрантите одат по копнен пат, преку Бугарија во Романија, а оттаму кон Унгарија и се до Германија.

Рече дека Македонија, за што доби признание и од самата ЕУ, како земја докажа дека функционира начинот на чување на затворениот коридор и покажа дека нема страв. Според Иванов, стравот е кај другите земји кои треба да го прават тоа што Македонија го направи во 2015 и во 2016 година.

Во однос на податокот дека земјите од тк Вишеградска група, кои се и земји-членки на ЕУ, нема да примаат мигранти на подолг престој, а Брисел бара алтернативи и дали е можно да се направи обид од Унијата да смести на подолг престој мигранти и во Македонија, Ѓорге Иванов потсети дека земјата во 2015 и во 2016 година излегла со став дека има капацитет само за прием на 2.000 бегалци и тоа транзитно, па затоа тие капацитети беа ставени само на влез и на излез.

„Нашиот капацитет е само за транзит, но, сепак, сега зависи како новата македонска Влада ќе се постави“, рече Иванов.

Македонскиот претседател смета дека голем дел од мигрантите што немаат можност да добијат азил ќе мора некаде да се однесат и голем дел од нив се неопходни во европските земји, ако е познато дека кај некои од нив има потреба од работна сила.

„Но, ќе повторам, зависи како ние ќе се однесуваме како земја и какви одлуки ќе донесе и какви обврски ќе преземе новата Влада на Република Македонија. Тоа е прашање што треба да се упати кон новата Влада“, рече Иванов.

Претседателот на Република Македонија додаде и дека во однос на мигрантското прашање Туск добро ги познава состојбите во Македонија, бидејќи одлука на ЕУ беше да се затвори коридорот и Македонија сега ја почитува таа одлука.

„Затоа, тие држави треба да се организираат и да најдат решение. Ние отсекогаш инсистиравме дека постојат бегалци на кои им е неопходна помош и поддршка. На тие луѓе им треба и хуманитарна помош и излегување во пресрет, бидејќи немаат домови, разурнати им се местата на живеење и тие се бегалци. Но, сосема поинаква е економската миграција на луѓе кои одат во потрага по среќа и тие претежно се од африканскито континент и истите не може да го имаат истиот статус, како и бегалците од боиштата, кои имаат право на азил и на заштита. Сето тоа создава неусогласеност и во самата ЕУ и создава различни презентации од страна на хуманитарни организации и други“, додаде Иванов.

Во текот на утрешниот ден, а во рамки на неговата дводневна посета на Белгија, првиот човек на македонската држава ќе учествува на форумот Кран Монтата во Брисел на кој ќе има и свое обраќање, а предвидено е и попладневна средба со Дидие Рејндерс, вицепремиер и министер за надворешни работи и европски прашања на Белгија.