Во Порторож, Словенија денеска почнува Самитот 100 – Бизнис лидери во Југоисточна Европа на кој покрај претседатели од регионот, бизнисмени и претприемачи учествува и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, објави МИА.
На годинашниот, четврти по ред самит, ќе се дебатира за улогата на главните градови во регионот со цел иклузивен и одржлив развој во соработка со државните институции, бизнис секторот и Европската унија.
Македонскиот претседател ќе се обрати на панелот на лидерите насловен како „Нов договор за нова ера“, а ќе учествува и на состанокот на лидерите од Брдо Бриони Процесот со членовите на Бордот на директори на Самитот 100.
На маргините на форумот предвидено е претседателот Иванов да оствари неколку билатерални средби.
Покрај претседателот Иванов, на самитот се присутни и хрватската претседателка Колинда Грабар – Китариќ, цврногорскиот претседател Филип Вујановиќ, претседателката на Косово, Атифете Јахјага, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Младен Иваниќ и спрскиот министер за економија Жељко Сертиќ.
Првиот ваков самит беше организиран во 2011 година во Србија, а две години подоцна се одржа и во Црна Гора. Минатата година самитот се одржа во Хрватска. Покровител на годинашниот самит е словенечкиот претседател Борут Пахор.