Претседателот Ѓорге Иванов, на покана на неговиот чешки колега Милош Земан, утре ќе престојува во официјална посета на Чешката Република.
За време на посетата, македонскиот претседател ќе се сретне и со премиерот Бохуслав Соботка.
Во пресрет на посетата на Иванов, портпаролот на Земан, Јиржи Овчачек изјави дека еден од приоритетите на надворешната политика на Чешка е влез на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, а Македонија е една земјите-кандидатки во Унијата и се стреми за приклучување кон НАТО, јави дописникот на МИА од Прага.
Овчачек ја повтори поддршката што Чешка и ја дава на Република Македонија цитирајќи ја изјавата на поранешниот шеф на чешката дипломатија Карел Шварценберг пред две години кога при средбата со Иванов рече дека Прага поддржува што е можно најбрзо приклучување на Македонија во Северноатлантскиот сојуз.
Исто така, се потсетува дека и поранешниот премиер Петр Нечас на Македонија и понуди помош со преговорите за пристапување во Унијата, како и дека еден од проблемите кој го кочи приемот на земјата во ЕУ и НАТО е спорот со Грција за името.