Иванов во Рим: Со меѓурелигиски дијалог против радикализацијата и екстремизмот

Македонскиот претседател истакна наместо да се обидуваме различните религии да ги вметнеме во рамка што сами сме ја конструирале, многу подобро е да оставиме простор за слобода на изразувањето на различноста, во кој ќе градиме взаемна доверба како еднакви според правата и должностите.

Во Македонија имаме вековен соживот меѓу христијаните, муслиманите и Евреите. И тоа не ги направи христијаните помалку христијани, муслиманите помалку муслимани, ниту пак Евреите помалку Евреи. Напротив, сите станаа побогати со тоа искуство, истакна Иванов  посочувајќи ги активностите на Македонија на полето на меѓу-религискиот дијалог на регионален и меѓународен план.

Во тој контекст Претседателот посочи дека Македонија годинава ќе биде домаќин на четвртата Светска конференција за меѓу-религиски и меѓу-цивилизациски дијалог.

Покрај македонскиот претседател на конференцијата во Рим учествуваат бугарскиот претседател, Росен Плевнелиев, поранешниот претседател на Италија, Џорџо Наполитано, поранешниот министер за надворешни, Франко Фратини,  како и поранешните претседатели на Романија, Емил Константинеску, на Полска, Бронислав Коморовски, на Хрватска, Иво Јосиповиќ и на Србија, Борис Тадиќ.

Иванов во Рим: Со меѓурелигиски дијалог против радикализацијата и екстремизмот
Иванов во Рим: Со меѓурелигиски дијалог против радикализацијата и екстремизмот

Вечерва македонскиот претседател ќе присуствува на приемот кој за учесниците на конференцијата го приредува претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

На претседателот Иванов ќе му биде врачено посебно признание  од страна на копретседателите на Меѓународниот центар „Низами Ганџави”, г-ѓа Ваира Вике-Фреиберга и Исмаил Серагелдин.

Учеството на претседателот Иванов на овие настани е резултат на неговата посветеност во остварувањето на целите на Алијансата на Цивилизациите на Обединетите нации како и на одличната соработка со Меѓународниот центар „Низами Ганџави” и Италијанското Друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет. Претходно македонскиот претседател има учествувано на конференциите во Баку, Софија и Рим.