![PRM_2716](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/04/PRM_2716.jpg?resize=640%2C427&ssl=1)
По повод одбележувањето на осми април – Меѓународниот ден на Ромите, претседателот Ѓорге Иванов ја посети општината Шуто Оризари, при што оствари средба со градоначалникот на општината, Елвис Бајрам.
Градоначалникот на општина Шуто Оризари ја поздрави посетата од страна на претседателот Иванов и истакна дека е од голема чест и важност за нив е значењето кое Македонија го придава на Меѓународниот ден на Ромите.
Претседателот Иванов посочи дека и натаму ќе се залага за унапредување на правата на ромската заедница и достигнување на степенот на целосна нивна инклузија во македонското општеството.
Меѓународниот ден на Ромите – 8 април, е денот кога се прославува ромската култура, историја и идентитет, и се прават напори за подигање на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат Ромите во сите земји, како најголемо етничко малцинство во Европа.
Воедно, по повод одбележувањето на 8 април – Меѓународниот ден на Ромите, претседателот Иванов упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија:
Упатувајќи честитки до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите, сакам да нагласам дека Република Македонија има право да се гордее поради условите кои ги создава за Ромите, и како заедница и како поединци, да придонесуваат за развојот на нашата држава во секоја сфера од општествениот живот. Со степенот на права кои ги уживаат припадниците на ромската заедница, Република Македонија претставува пример за целиот свет.
Ромската заедница е нераскинлив дел од нашето македонско повеќеетничко општество, кое постојано создава услови за негување на ромскиот етнички и културен идентитет, и претставува пример за еднаквите можности и права. Нашиот модел на соживот, на почитување на различностите е најголемата сила на Македонија.
Процесот на натамошно подобрување на социјалната, економската и севкупната положба на Ромите, бара секојдневни активности и максимален ангажман. Само така, само со вклученост, со солидарност, и како држава и како општество, ќе се соочиме и ќе ги надминеме предизвиците со кои се соочува оваа етничка заедница. Сакам да знаете дека во мене, лично, и во институцијата Претседател секогаш сте имале и ќе имате посветен и верен поддржувач на овој процес.