![ianov-plevneliev](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/05/ianov-plevneliev.jpg?resize=640%2C294&ssl=1)
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска престојува во дводневна работна посета на Република Бугарија, по повод учеството на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Иванов попладнево ќе има средба со бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, а во текот на утрешниот ден и со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
На средбата со Плевнелиев, како што информираат од Кабинетот на македонскиот претседател, се очекува да стане збор за севкупните билатерални односи помеѓу Македонија и Бугарија, актуелните состојби во регионот, особено во контекст на неговата евроатланска перспектива, како и мигрантската и бегалската криза, јави известувачот на МИА од Софија.
Претседателот Иванов утре во Софија ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што се одржува во рамки на бугарското претседателство со оваа регионална иницијатива. На самитот, кој се одржува на одбележувањето на дваесетгодишнината од основањето на ПСЈИЕ, ќе учествува и министерот за надворешни работи Никола Поповски.
Во своето обраќање се очекува Иванов да ја реафирмира позицијата на Република Македонија, која и понатаму останува активен и конструктивен партнер во регионалното опкружување и дека е силно посветена на промоција на принципите на добрососедство и помирување во регионот. Македонија се залага за продлабочена регионална соработка, поврзување на регионот преку развивање и модернизација на инфраструктурата што би поттикнало зголемен економски развој, трговија и привлекување на странски инвестиции.
На самитот, покрај домаќинот, претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев, најавено е учеството и на претседателите на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Бујар Нишани, на Косово Хашим Тачи, на Молдавија Николае Тимофти, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ, премиерот на Романија Дацијан Циолош, заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Словенија Карл Ерјавец, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер и на генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.
Од 1 јуни со Процесот ќе претседава Хрватска.