Иванов во Струга приредува прием за дипломатскиот кор

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечер во Струга ќе приреди прием за претставниците на дипломатскиот кор, воените аташеа, претставници на меѓународни организации и почесните конзули во Република Македонија.

На приемот, што традиционално го приредува претседателот на Република Македонија по повод новогодишните и божикните празници, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, свои обраќања ќе имаат претседателот Иванов и доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Руската Федерација, Олег Шчербак.

Во рамки на дипломатскиот прием, што според воспоставената практика се одржува надвор од главниот град, претседателот Иванов и претставниците на дипломатскиот кор, утре ќе ја посетат општина Вевчани, каде што е предвидена посета на црквата „Св. Никола“ и на Вевчанските извори.

Традиционалниот прием по повод новогодишните и божикните празници за претставниците на дипломатскиот кор, изминатите години беше приреден во Битола, Крушево, Гевгелија и во Берово.