Иванов во Велес: Програмата која ја ветив ја исполнив

Пред пет години Ви кажав од истото ова место ме воделе три принципи, да бидам чесен, искрен и вреден. Денес по пет години ви кажувам дека сум оној истиот кој пред пет години беше пред вас и ви кажа дека ќе работи искрено и чесно за Македонија. И затоа дадов отчет за програмата, се што беше ветено се е реалирано.

Ова го истакна актуелниот и кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов на денешиот централен митинг одржан во Велес.

Иванов посочи дека за време на досегашниот мандат остварил над 450 средби, но бил домаќин на 40 официјални и работни посети на претседатели на земји кои се пријатели и поддржувачи на Македонија.

„Не заборавив и на мојот народ, на граѓаните на Македонија, доаѓав и во Велес да ги поддржам иницијативите на граѓаните, на локалната самоуправа, на НВО огранизациите, за идните поколенија на Велес да живеат во чиста и здрава околина,“ нагласи Иванов.

Тој истакна дека за време на неговиот мандат како тим заедно соработувал со Владата, а како резултат на тоа обезбедена е визна либерализација за македонските граѓаните и пет препораки за почеток на преговорите за членство со Европската Унија. Обезбедени се многу странски инвестиции, но и нови пазари за македонските производи и тоа во услови на голема економска криза.

„Покажавме дека знаеме како да ги реализираме целите, знаеме што да направиме и во периодот кој претстот, со чист образ ја барам довербата од вас за следните 5 години повторно да бидам претседател на Република Македонија. Во овие пет години потрошив многу енергија и време за предизвикот со кој се соочуваме, на Македонија и е наметнато прашањето за нашето име, јужниот сосед не уценува и бара од нас да се откажеме. Сакам да кажам дека ниту сум прифатил ниту мислам да прифатам услов за промена на името на Македонија, нема да прифатам идеи или предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, но и македонскиот модел на соживот,“ дециден беше Иванов.

Актуелниот и кандидат за претседател посочи дека никој друг освен македонските граѓани немаат право да одлучуваат за името на нашата татковина, за иднината на Македонија.