„За овие пет години се работеше многу. Напорно се работеше затоа што светот го зафати голема криза од 2008 година. Во такви услови во Македонија се постигна многу. Се постигна затоа што работевме како тим. Работевме заедно со премиерот Груевски, заедно со министрите, заедно со пратениците, заедно со градоначалниците. Ја менуваме Македонија. Затоа во Македонија се градат автопатишта, затоа во Македонија се градат фабрики, училиштата… Се градат градинки низ Македонија,“ изјави претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов на митингот во Виница.
Тој истакна дека кога во сите земји економијата опаѓаше, во Македонија во услови на криза, економијата растеше.
„Кога расте економијата се расте во државата. Растат и платите, растат и пензиите. Растат и субвенциите, расте и социјалната помош. Но, растат и стипендиите. Се расте во државата, а само едно нешто опаѓа: опаѓа невработеноста. Од 2006 година, кога дојде оваа млада гарнитура, предводена од Груевски, се отворени 120 илјади работни места во Македонија. Беа потребни многу реформи, многу закони, многу промени. Да се создаде амбиент, да се создадат услови, да доаѓаат странски инвеститори, но и домашните инвеститори како што ги имате кај Вас, да инвестираат, да отвораат нови работни места,“ потенцираше Иванов.
Претседателскиот кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, потсети дека секаде има индустриски зони.
„Повеќе од 7 илјади луѓе се вработени оваа година во тие индустриски зони. До крајот на годината се очекуваат 14 илјади вработени во тие индустриски зони. По тоа се мери денес политиката. Не се мери по убави зборови и по празни ветувања, туку по отворање на нови работни места.Работевме на секој план. Се што беше во моја уставна надлежност максимално се остварува. Затоа и добивме пет позитивни извештаи на Европската комисија и пет препораки за да почнеме со преговори за во Европската унија,“ изјави Иванов.