![ACE_6023](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/04/ACE_6023.jpg?resize=640%2C425&ssl=1)
Кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, Ѓорге Иванов вечерва на митинг во Гевгелија им се заблагодари на граѓаните за поддршката во првиот круг од изборите.
„Се надевам дека во вториот круг ќе имаме уште поголема излезност. Во вториот круг ќе имаме двојна победа. Ќе славиме победа и за претседателските и за парламентарните избори. Во неделата покажавме дека имавме демократски и фер избори, како што и доликуваат на Македонија. Покажавме дека имаме мотив да одиме во двојна победа“, истакна Иванов.
Во овие пет години, посочи тој, покажавме дека институциите на Македонија, не само што треба да соработуваат, мора да соработуваат, за доброто на Македонија.
„Кога имаме единство во државниот врв, тогаш имаме и успеси, имаме и просперитет. Се носат многу закони, се спроведуваат многу реформи, сето тоа за да го почувствуваат граѓаните на Македонија, да ги чувствуваат сите делови од македонското општество, за пензионерите да имаат редовни пензии, за земјоделците да имаат субвенции, за студентите да имаат стипендии, а учениците да имаат бесплатни учебници. Тоа е резултат кога имаме државно единство, кога институциите функционираат и се посветени на граѓаните на Република Македонија. Тоа е нашиот стил на работа“, рече Иванов.
Им се заблагодари на гевгеличани за огромната доверба и потенцира дека неговата програма ги опфаќа сите сфери каде што може да се постигне успех за граѓаните.
„Нашата цел е Македонија да биде членка на ЕУ и на НАТО. Затоа добивме пет позитивни извештаи. Тие пет извештаи и петте препораки се она што нам ни припаѓа. Тоа е она што ние сме го сработиле. Затоа продолжуваме со реформи. Затоа продолжуваме да работиме за просперитет и успех на Македонија. Затоа и се градат автопатишта низ Македонија. Затоа се градат фабрики, болници и училишта. Затоа се отвораат нови работни места. Помина политиката кога го меревте политичарот колку убави зборови ви кажал. Денес политиката се мери со бројот на нови работни места“, истакна Иванов.
Нагласи дека постојано се отвораат нови работни места за младите да живеат во Македонија, да создаваат свои семејства и да создаваат свое потомство.
– Имавте можност да слушнете што нудат и другите. Но, имавте можност да слушате многу нивни негативни работи. Мислеа дека со негативна кампања ќе ја добијат вашата доверба. Граѓаните во неделата им дадоа одговор на сето тоа што тие го збореа. Граѓаните кажаа каква Македонија сакаат. Граѓаните на Македонија го трасираат патот за иднината на Македонија. Нас ни требаат одговорни луѓе на сите места, ни требаат вредни луѓе, луѓе кои ја сакаат Македонија и кои се патриоти. Да покажеме и на 27 април дека има разлика, рече Иванов.
На 27 април, укажа тој, да покажеме дека државата ни е пред се.
„Да покажеме дека Македонија ни е пред се, да покажеме и следниот пат дека можеме да организираме достоинствени, фер избори како што и доликува на Македонија. Да излеземе што помасовно на април, да ги поттикнеме сите кои се уште се двоумеа, да им кажеме дека треба да гласаме за себе, за своите семејства, да гласаме за Македонија. Ве повикувам масовно да излезете и да го дадете вашиот глас за Македонија“, додаде Иванов.