„За да расте економијата ни беа потребни и реформи, менување на закони, менување на амбиентот во Македонија за да дојдат странски инвеститори, но и да се враќаат нашите луѓе кои успеале во светот. Да доаѓаат, да отвораат нови работни места. Веќе сосема поинаква Македонија. Се гради автопат кон Штип, за цела источна Македонија да почувствува благодет. Се реновираат пругите низ Македонија, фабрики се градат низ Македонија. Во последниве години од 2006 година кога дојде овој млад тим на чело на Македонија заедно со Груевски, 120 илјади работни места се отворени во Македонија. 550 милиона евра се дадени за субвенции на земјоделието. Платите се зголемуваат, пензиите се зголемуваат. Е тоа е кога расте економијата. Кога расте економијата се расте, само едно опаѓа невработеноста. Кога дојде овој млад тим беа 39% невработени, сега е околу 28%. И уште да се намалува,“ изјави претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов во Зрновци.
Тој истакна дека само во индустриските зони што се отвараат, околу 7.000 граѓани веќе се вработија. До крајот на годината се очекува да бидат вкупно 14 илјади вработени луѓе само во зоните.
„Неодамна бевме во Кавадарци. Ја видовме најголемата фабрика во Македонија. 4.000 луѓе работат во една фабрика. Е тоа е успешна Македонија. Така успева Македонија.Доаѓаат странски инвестиции и во Вашиот крај. И во Кочани доаѓаат. Во Кочани ќе се отвораат фабрики. Доаѓаат во сите места инвестиции. Но тоа е кога сме создале амбиент во кој што секој може да дојде и да остварува профит. Тоа е кога Македонија по сите извештаи покажува просперитет и развој. Е тоа е резултат на тимска работа. Кога се работи заедно, кога се работи посветено за Македонија. Тогаш резултатите секаде можат да се видат. Тогаш имаме деца кои што ќе имаат радосно детство, родители кои се вработени, кои си ја наоѓаат својата среќа или во индустријата, или во земјоделието, тогаш имаме и луѓе со спокојна старост. Луѓе чии пензии не само што редовно доаѓаат, туку и редовно се зголемуваат,“ додаде Иванов.