Иванов: „За името ќе одлучат граѓаните, никој не може да оди против волјата на народот“

фото МИА

На Македонија и е потребно решение за спорот со името, но само решение кое нема да е на штета на нашиот народ, јазик и култура. Ова го посочи претседателот и кандидат за истата функција, Ѓорѓе Иванов.

Тој уште еднаш потенцираше дека никогаш нема да прифати промена на Уставот и промена на името на нашата земја. Како претседател, нема да прифати идеи или предлози кои би ги загрозиле идентитетот, посебноста на нацијата, јазикот и моделот на соживот.

„Прашањето на кое посветуваме најмногу енергија е наметнатото прашање за разликата околу името. На сите средби, на сите форуми истакнувам дека на Република Македонија ѝ е потребно решение, но само во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Решение што нема да биде на штета на нашиот национален и државен идентитет, јазик, историја и култура. Како претседател, нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Нема да допушатам Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени.Македонските граѓани имаат право да одлучуваат за клучните национални прашања, вклучително и прашањето за името. Како претседател, нема да дозволам решение за спорот наметнат од Грција, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со решението. Ниту еден поединец, ниту група граѓани или политичари, партија, Влада или Собрание, не може да оди против волјата на народот, која е конечна,“ рече Иванов.

Сепак идеалот „Европа во Македонија и Македонија во Европа“, ќе остане негово мото и посветено рече ќе работи на тоа Македонија конечно да го добие своето заслужено место во ЕУ.

„Како претседател ќе продолжам со напорите за интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО.Петте позитивни извештаи и петте препораки од Европската комисија за отпочнување преговори за членство во Европската унија доволно говорат дека остварувањето на нашата стратегиска цел ни е на дофат. Нема да чекаме некој друг да ни ја заврши работата. Македонија е одговорна држава, која сериозно ги сфаќа своите обврски на евроинтеграцискиот пат. И натаму ќе ги прифаќаме конструктивните совети од нашите партнери. Но, никој не знае подобро од нас што е најдобро за нас. Способни сме и решени сме додека се движиме кон членството во Европската унија, сами да ја создаваме Европската унија во Македонија. Со секоја спроведена реформа, со секоја подобрена јавна услуга, ја правиме Македонија подобро место за живеење. Во наредниот период продолжуваме да работиме на истиот начин, да постигнеме преговорите да се сведат на чиста формалност,“ посочи претседателот во својот говор на промоцијата на новата програма.

Отворени сме, подготвени сме за дијалог и соработка, но нема да дозволиме да се зборува и да се одлучува за нас, без нас, заклучи Иванов.