Ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство со себе носи одредени ризици, оцени претседателот Иванов во своето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.
„Преку родовата перспектива, Конвенцијата воведува нова и неконвенционална дефиниција на родот како општествен конструкт, што е независен од биолошкиот пол, и што може да се менува според волјата“, истакна македонскиот претседател.
Потенцирајќи дека се додека се врши насилство врз жените праведно општество не може да има, претседателот Иванов ги поздрави искрените и добронамерни заложби за борба против насилството врз жените и семејното насилство. Сепак, нагласи тој, во изминатиов период до него стигнале писма со загриженост во кои се посочува дека одредени членови на Истанбулската конвенција се контроверзни и истите не би требало да станат дел од македонскиот правен систем без консултација со пошироката експертска јавност.
„Меѓудругото, тоа отвора можност и на тригодишни деца во градинка да им биде наложувано за машкиот и женскиот пол да размислуваат во родово неутрални термини. Нивните родители речиси ќе немаат никаков начин да го изразат своето лично гледиште“, истакна македонскиот претседател.
Со тоа, нагласи Иванов, ќе се наруши не само фундаменталното човеково право на родителите да ги воспитуваат своите деца во согласност со своите морални вредности, туку ќе се наруши и еден од основните принципи на воспитување на младите генерации во сите ери и во сите цивилизации.
Македонскиот претседател предупреди дека воведувањето на ново поимање на родот и полот без отворена јавна дебата со родителите, педагозите, психолозите и сите оние кои се вклучени во образувањето на младите, ќе доведе до наметната толеранција, без вистинско и искрено почитување на различноста.
„Македонските граѓани бараат и заслужуваат отворена јавна дебата за можните последици од ваквите законски решенија. Барањата на граѓаните се и мои барања“, рече претседателот Иванов.
Според него парадоксално е тоа што сето ова се прави во име на слободното, отворено општество.
„Да не заборавиме дека слободното општество е пред се морално достигнување. Без споделени морални вредности и врз нив втемелени општествени институции, општеството се распаѓа“, подвлече македонскиот претседател во своето годишно обраќање.