Иванова во посета на детската болница „Бамбино Џезу“ во Ватикан

Во рамки на официјалната посета на претседателот Ѓорге Иванов на Ватикан, неговата сопруга Маја Иванова ја посети детската болница „Бамбино Џезу“, една од најпознатите педијатриски болници во светот и врвен истражувачки центар, која  го има статусот на Ватиканска институција.

Сопругата на македонскиот претседател, јави известувачот на МИА, оствари средба со раководството на болницата на која беше информирана за соработката што „Бамбино Џезу“ ја остварува со Клиниката за детски болести од Скопје и со здравствените власти во Република Македонија.

На средбата, Иванова информираше за нејзините активности во Македонија. Таа ги запозна соговорниците за првиот специјализиран педијатриски Ургентен центар на Клиниката за детски болести во Скопје, што под нејзино покровителство прерасна во врвна установа во регионот и пошироко.

Сопругата на македонскиот претседател потсети и на македонското учество во Европската организација за ретки болести, каде што три години по ред таа е Европски почесен покровител на оваа организација. Во тој контекст,  Иванова, посочувајќи дека ретката болест не значи реткост на третманите, се заложи за подигнување на јавната свест за ретките болести. Запознаваќи ги соговорниците со активностите на државните институции во таа област, Иванова изрази благодарност до ватиканската болница за досегашната соработка и изрази надеж дека научно-истражувачката и клиничката соработка на „Бамбино Џезу“ и Клиничкиот центар ќе се одвиваат и во областа на ретките болести.

naja2

„Бамбино Џезу“ има склучено договор за соработка со Министерството за здравство на Република Македонија, врз основа на кој се отворија можности за усовршување на нашиот медицински персонал, како и за прифаќање на потешките случаи кои се уште не можат да се третираат во Македонија.

Сопругата на македонскиот претседател го посети и единствениот пациент во моментов од Македонија, кој е згрижен во детската болница„Бамбино Џезу“.

Маја Иванова беше покровител на националната кампања „Да помогнеме навреме” со која се овозможи отворањето на првиот специјализиран  педијатриски Ургентен центар на Клиниката за детски болести. Воедно, Иванова е силен поддржувач на борбата против аутизмот и континуирано се залага за подобрување на квалитетот на животот на децата и унапредување на нивното здравје.