Забрзана постапка при доделување документи за граѓаните од државните институции, без заборавени предмети, со електронско мониторирање на движењето на документите. Ова треба да го овозможи надградениот Систем за електронско управување со документи во државните институции.
Министерството за информатичко општество и администрација, како носител на проектот, набави 23 нови скенери, со брзина на скенирање од 60 листа во минута, за потребите на 14 институции. Скенерите се набавени од фирмата „Импегна“, а цената на набавка изнесува 1.520 милиони денари.
„Овој проект е особено значаен затоа што ќе се води автоматски процес на севкупниот начин на работење во институциите. Продолжуваме да го надградуваме овој систем, кој е еден од значајните за воведување ефикасна и услужно ориентирана администрација. Со него ќе нема повеќе скриени предмети во фиоките на вработените во администрацијата. Секој предмет што влегува во администрацијата ќе биде скениран, а потоа одговорните лица ќе можат да следат каде е заглавен предметот односно кој вработен го обработува според барањето на граѓаните“, истакна министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Целта на овој проект, појасни, е водење електронска архива во институциите, како и електронска размена на документите, преку предефинирани процеси кои го определуваат текот на документот, вклучително и лицата одговорни за изработка и одобрување на документите. Ќе се обезбеди, нагласи Ивановски, брз проток на документите и информациите низ деловниот систем и ќе се унапреди поединечното и севкупно функционирање на институциите преку стандардизација на работните процеси.