Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, изрази надеж дека дискусијата со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ќе продолжи функционира на високо ниво, без оглед, како што рече, дали тоа ќе биде формално или неформално, со цел да се постигне квалитетна легислатива којашто ќе придонесе за развојот на медиумскиот сектор во Македонија.
Ивановски и претседателот на ЗНМ Насер Селмани во саботата заеднички објавија дека постигнале договор законите за медиуми и за аудио-визуелни медиумски услуги кои се во собраниска процедура да се донесат веднаш, а за забелешките за кои се усогласени Владата амандмански да интервенира во што е можно пократок период.
Бил постигнат договор за дел од забелешките кои се прифатливи од двете страни.
„Се согласивме дека интернет порталите не треба да бидат дел од оваа легислатива. Тоа значи дека електронските публикации ќе се бришат од Законот. Се согласивме и за член 48 кој се однесува на посебните забрани во Законот за аудио-визуелни медиумски услуги во кој ќе се додаде и нов став во кој се вели дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права“, рече Ивановски.
Веднаш по усвојување на законите за медиумите за кои денеска во Собранието треба да почне расправа, ќе бидат подготвени амандамни согласно договорот со Здружението на новинари на Македонија, најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.