Иво Погорелиќ ќе одржи концерт во Скопје на 22 април

На 22 април 2023 година, во 20 часот, во Македонската филхармонија ќе настапи светски познатиот пијанист Иво Погорелиќ.

Легендарниот пијанист ја обележа класичната музичка сцена на нашето време. Уникатниот музички талент и иновативниот пристап го сместија меѓу најоригиналните музички таленти на денешницата. Благодарение на бескомпромисните уметнички критериуми и посветеноста, Погорелиќ во повеќе од четири децении музицирање оствари автентични достигнувања, ценети и од публиката и од критиката, додека неговите концерти ширум светот се многу атрактивни и посетени.

Погорелиќ, роден во Белград, го привлече вниманието на пошироката музичка јавност во 1980 година, како лауреат на престижниот 14-ти Меѓународен натпревар за пијано во Монтреал, каде во финалето се претстави спектакуларна изведба на третиот Концерт за пијано на Сергеј Прокофјев. Тоа му донесе голем број обожаватели и пофални критики од музичките експерти,

Истата 1980 година Погорелиќ учествуваше и на 10. Меѓународен натпревар по пијано „Фредерик Шопен“ во Варшава, каде од непознати причини беше елиминиран пред последната рунда. Оваа контроверзна одлука резултираше со незадоволство кај одредени членови на жирито, кои го напуштија натпреварот во знак на протест. Овој настан, како ниеден друг во историјата на музичките натпревари, одекна низ светската музичка јавност, која го сметаше Погорелиќ за вистински победник на овој натпревар.