Нешто над 100 илјади полнолетни граѓани, државјани на РМ, кои се во базата на МВР ги нема во базите на другите 10 институции што ги споредува Државната изборна комисија, дознава „Дневник“ неофицијално од извори во ДИK. Првичните информации говорат дека не се работи за фантомски гласачи, туку за македонски државјани со валидни адреси, но кои ги нема во актуелните бази со кои располагаат домашните институции последните неколку години, објавува ДНЕВНИК во денешното издание.
Ова практично значи дека во последните години не се евидентираат како невработени, немаат имот на свое име, не се пријавени во Фондот за здравствена заштита или пак, во пензиските фондови.
Најмногу од овие државјани, речиси 90 отсто, се заведени во општините Гостивар, Струга, Тетово, Kуманово, Теарце, Врапчиште, Чаир, Боговиње, Липково, Желино… Според етничката структура, од државјаните што ги немало во првичните бази во институциите, нешто под 90 илјади се Албанци, а преостанатите се Македонци и други.
Гостивар и Струга со најмногу иселени?
Од друга страна, изворите од ДИK предупредуваат дека овие бројки с` уште се многу базични и дека се работи само за првично, површинско вкрстување и оти следува длабинска проверка со историските бази на овие институции, па се очекува оваа бројка на македонски државјани што имаат адреси според МВР, ама ги нема во другите бази да се менува.
Според нашите информации, најголем број на вакви државјани има во Гостивар и тоа околу 10.000, следуваат Струга и Тетово со по 7.500, Kуманово – 4.500, Врапчиште 3.800, Боговиње со 3.400, Чаир – 3.000, Липково со нешто помалку од 3.000…
Според првичните анализи, веројатно се работи за луѓе што се иселени од државата пред неколку години, но кои не го пријавиле своето заминување во странство на повеќе од една година или од одредени причини или лоша евиденција излегува дека не соработувале со македонските институции.
Дека се работи најверојатно за иселени лица говори и излезеноста во овие општини на последните изборни циклуси. Во овие општини, кои се со доминантно албанско население, таа се движи околу 45 отсто, што е за дури 15 отсто помалку од државниот просек на излезеноста, кој се движи од 60 до 65 отсто. На пример, на изборите во 2014 година на ниво на државата излезеноста беше 62,96 отсто. Во Гостивар на овие избори имало излезеност од 48,81 отсто, во Тетово 66,73 отсто, во Струга 47,57 отсто, во Врапчиште 42,49 отсто, во Боговиње 43,87 отсто… Од друга страна, на пример во Берово излезноста била 77,47 проценти, во Kочани 66,51 отсто, во Kрива Паланка 77,26 отсто, во Градско 72,81 отсто, во Струмица 72,57 отсто, во Гевгелија 80,46 отсто, во Битола 68,61 отсто итн.
Повеќекратни споредби
Kако што е познато, ДИK, откако ги доби главните бази на МВР со список за државјани, и базите на 10 други институции, почна со вкрстување на податоците со цел да го прочисти Избирачкиот список. Во овој процес се споредуваат податоците од Министерството за внатрешни работи со оние на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Управата за водење матични книги, Министерството за земјоделство, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар на Република Македонија, Народната банка и Управата за јавни приходи.
При тоа не се прави само едно вкрстување односно се прави вкрстување на базите на МВР со другите институции кои се актуелни, т.е. кои се водат последните неколку години. Потоа ќе се прави проверка со постарите, односно т.н. „историски“ бази, кои ги поседуваат 10-те институции за да се види од кога последен пат овие државјани евидентираат за некаква работа во институциите. Овие државјани нема да бидат избришани од Избирачкиот список, туку теренски ќе бидат проверени и ако се потврди дека се иселени, според изворите од ДИK, ќе бидат префрлени на списокот од дијаспората.