Изборен молк во Косово

Косовските граѓани со право на глас ќе можат утре (недела, 6 октомври) да гласаат на вонредните парламентарни избори, додека изборниот молк за политичките субјекти кои се натпреваруваат на овие избори започна синоќа на полноќ и ќе трае до затворањето на гласачките места, утре во 19 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Официјалната кампања за овие, седми по ред, повеќепартиски избори во повоено Косово, започна на 25 септември, а за следење на изборната кампања и на самиот процес на гласање се акредитирани околу 33 илјади набљудувачи. Во оваа бројка влегуваат набљудувачите од редовите на учесниците на изборите во гласачките комисии, претставници на невладините организации, владини и меѓувладини организации, меѓународни специјализирани организации кои се занимаваат со избори и човекови права и слободи, претставници на други држави и медиумите.

На годинешните општи избори учествуваат 25 политички субјекти сертификувани од Централната изборна комисија (ЦИК), од кои 20 партии, четири кoалиции и еден независен кандидат.

За 120 места во косовскиот Парламент се натпреваруваат 1.068 кандидати.

Право на глас, според конечниот список на гласачи што го објави ЦИК, имаат 1.937.868 лица, што е за околу 65 илјади повеќе во споредба со последниот изборен процес во земјата – локалните избори од 22 октомври 2017 година.

Оценка на независните набљудувачи е дека кампањата помина мирно и без инциденти, со одредени прекршувања на изборниот кодекс, како што е употребата на деца во кампањата, притисоци врз гласачите да гласаат за одредени субјекти, истакнување изборни плакати на јавни места, користење на јавни позиции со цел добивање гласови, користење на навредлив говор насочен против политичките конкуренти и друго.

Овие вонредни парламентарни избори во Косово ќе се одржат откако во јули годинава премиерот Рамуш Харадинај поднесе оставка на функцијата, а Собранието минатиот месец се самораспушти.