Изборен молк во Македонија, гласаат затворениците, раселените и немоќните лица

На полноќ заврши изборната кампања за претседателските избори и за предвремените локални што ќе се одржат во општините Охрид, Дебар и Ново Село и започна изборниот молк.

Денеска, ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат 1.640 лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, седум внатрешно раселени лица, како и 3.583 немоќните и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Внатрешно раселените лица гласаат во прифатлиштата каде што се сместени, болните и немоќните лица во нивните домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување куќен притвор гласаат во местото каде што ја издржуваат мерката.

Гласањето и денеска и утре на денот на изборите почнува во седум и ќе трае до 19 часот.

Претседателските избори ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и Град Скопје и на 32 во странство. Право на глас имаат 1.808.131 граѓанин.

Во изводите од избирачкиот список се запишани 1.726.795 гласачи, 77.579 избирачи се на привремена работа или престој во странство, 1.640 се на издржување казна затвор или се во притвор, а седум гласачи се запишани како внатрешно раселени лица. Во посебниот извод од избирачкиот список за лица кои поднеле пријава во ДКП во странство се запишани 1.782 гласачи.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 5 мај.