Избори Србија: За Берлин неприфатливи неправилностите, САД сакаат соработка за јакнење на демократијата, Москва ја поздравува победата на Вучиќ

Во понеделникот Германија оцени дека нерегуларностите што ги констатирале меѓународните набљудувачи на парламентарните избори во Србија се „неприфатливи“ за земја која сака да се приклучи на Европската унија, додека Вашингтон изрази желба за понатамошна соработка во зајакнувањето на демократијата.

„Србија гласаше, но ОБСЕ пријави случаи на неовластено користење јавни средства, заплашување гласачи и купување гласови. Ова е неприфатливо за земја која има статус на кандидат за членство во ЕУ“, соопшти германското Министерство за внатрешни работи.

Владејачката Српска напредна партија (СНС) освои 46,3 отсто од гласовите на парламентарните избори, што ќе ѝ обезбеди 128 мандати во 250-члениот парламент, според прелиминарните резултати врз основа на 99,8 отсто од преброените гласови.

Таканаречената „проевропска“ опозициска коалиција на левиот центар „Србија против насилството“ со 23,6 отсто од гласовите ќе има 65 места во парламентот, а социјалистите на досегашниот коалициски партнер на СНС, Ивица Дачиќ со 6,6 отсто ќе имаат 18 мандати.

Меѓународните набљудувачи во понеделникот оценија дека предвремените парламентарни, регионални и општински избори во Србија во неделата ги одбележала „доминацијата на претседателот Александар Вучиќ во кампањата, што заедно со нелојалната конкуренција, пристрасните медиуми и бројните нерегуларности, придонела за нерамномерни изборни услови“.

Вашингтон не ги коментираше наводите за нерегуларности, велејќи само дека сака да соработува со Србија за зајакнување на демократијата по изборите.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, изјави за новинарите дека САД сакаат „да продолжат да работат со претстојната влада на Србија за зајакнување на демократското владеење и владеењето на правото и унапредување на регионалната стабилност“.

Кремљ изрази задоволство од победата на партијата на Вучиќ на изборите во Србија, нарекувајќи ја земјата „пријателска“ и „братска“.

„Го поздравуваме успехот на Вучиќ“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Неколку илјади луѓе се собраа во понеделникот вечерта во центарот на Белград на протест за поддршка на опозицијата за да го разјаснат прашањето за вистинските резултати од изборите во српската престолнина, во чија регуларност се сомневаат, а двајца лидери на опозицијата одлучија да одат на штрајк со глад во борбата за „вистинската изборна волја на граѓаните“.