Франција, наместо очекуваното скршнување вдесно, по изборите во неделата сврте налево и со тоа го спречи Националниот собир (RN) да дојде на власт, но следуваат тешки преговори за формирање нова влада и политичка нестабилност поради разединетиот парламент.
Новиот народен фронт (NFP), набрзина и широко собрана крајно левичарска коалиција, стана најсилната политичка опција во Националното собрание, но ниту еден блок нема доволно претставници да дејствува сам, така што Франција веројатно ќе очекува или малцинска влада или широка, нестабилна коалиција.
Резултатите од изборите се голем удар за претседателот Емануел Макрон. Втората по големина економија во еврозоната влегува во период на политичка неизвесност и нестабилност само неколку недели пред Олимпијадата во Париз. Макрон сега ќе мора да владее со крајно фрагментиран парламент, што ќе ја ослаби улогата на Франција во Европската унија и во светот и ќе ја отежне секоја опција за спроведување на нејзината внатрешна политика.
Левиот блок освои 182 пратеници, либерално-центристичката алијанса на Макрон 168, а Националниот собир на Марин Ле Пен и нејзините сојузници 143, објави Министерството за внатрешни работи.
„Според логиката на нашите институции, Емануел Макрон треба веднаш да го покани Новиот народен фронт да назначи премиер. Дали ќе го направи тоа или не? Бидејќи овој претседател е полн со изненадувања, ќе видиме“, изјави за радиото RTL челничката на Зелените, Марин Тонделие, една од многуте од NFP кои се кандидати за таа функција.
Актуелниот премиер Габриел Атал најави дека ќе поднесе оставка, но сѐ уште не се знае дали Макрон ќе ја прифати неговата оставка. Атал рече дека е подготвен да биде технички премиер додека не се формира нова влада.
„Секако дека ќе ги извршувам обврските онолку колку што е потребно, не може поинаку во пресрет на деновите кои се многу важни за нашата земја“, рече 35-годишниот премиер, осврнувајќи се на претстојните Олимписки игри во Париз.
Силни поделби
Крајно лвичарската алијанса NFP sе состои од четири партии – радикалната левица Непокорена Франција, некогашните владејачки социјалисти и Зелените и комунистите. Нивните лидери се состанаа ноќта кон понеделникот за да се договорат за натамошните чекори.
Лидерот на Непокорена Франција, Жан-Лук Меланшон, изјави дека новиот премиер треба да дојде од редовите на NFP, но тој блок нема лидер, а неговите партии се поделени околу тоа кој треба да биде. Меланшон, како лидер на најсилната партија во блокот, се појавува како најверојатен кандидат, но неговите радикални левичарски ставови го прават неприфатлив за многумина, вклучително и за Макрон.
Голем број центристички политичари, вклучително и поранешниот премиер на Макрон, Едуар Филип, рекоа дека се подготвени да работат на стабилен владин договор, но не сакаат да соработуваат со партијата на Меланшон, која многумина ја сметаат за екстремна како Националниот собир.
Француската Социјалистичка партија, која го допре дното со 1,7 отсто од гласовите освоени на претседателските избори во 2022 година, во меѓувреме закрепна со добри резултати на европските и парламентарните избори и може да понуди свој кандидат за премиер. Меѓу нив би можел да биде и Франсоа Оланд, поранешниот претседател на државата кој доби мандат во парламентот на овие избори, но актуелниот претседател на социјалистите Оливие Фор или претседателот на нивната пратеничка група во парламентот Борис Вало се повеќе веројатни.
Јаел Брон-Пиве, пратеничка од партијата на Макрон, која беше шефица на Националното собрание до изборите, рече дека француската политичка култура мора да еволуира, да стане помалку конфликтна и да поттикнува поголема соработка меѓу партиите.
„Пораката што ја добивам од гласачите е дека „никој нема апсолутно мнозинство, затоа мора да работите заедно за да најдете решенија за нашите проблеми“, изјави таа за телевизијата Frenceс 2.
Вредноста на еврото падна во неделата по објавувањето на проекциите за изборните резултати.
Обединети против Националниот собир
За Националниот собир, резултатот беше разочарувачки бидејќи анкетите долго време предвидуваа дека тие ќе победат. По првиот круг од изборите, во кој Националниот собир освои една третина од гласовите, левицата и центристичката алијанса соработуваа за да ја спречат таа партија да победи.
Тие тактички се договорија дека во трката во вториот круг ќе ги остават само оние кандидати со најголеми шанси да ги победат кандидатите на Националнито собир, а останатите да се повлечат и на тој начин да го спречат трошењето на гласовите, што се покажа како успешна стратегија.
Лидерот на Националниот собир, Жордан Бардела, оваа соработка ја нарече „срамен сојуз“ што ќе ја парализира Франција. Ле Пен, веројатниот (повторно) кандидат на Националниот собир на претседателските избори во 2027 година, рече дека изборите во неделата се залог за иднината на таа партија.
„Нашата победа е само одложена“, рече Ле Пен, чија партија по изборите сепак скокна од 89 на 143 претставници.