Изборниот законик влезе во ќор сокак по вина на власта која недемократски турка решенија во Парламентот

„Преговорите за Изборниот законик практично влегоа во ќор сокак. Но, по вина на власта која на подмолен и недемократски начин, сака да протурка решенија во парламентот без  претходна дебата и без спротивставување на аргументите. Заев и СДСМ не се искрени кога вината ја насочуваат кон опозицијата, затоа што нивното коцкање со државата ја носи државата во слепа улица. Ваквото барање само го зголемува сомнежот дека за таквите измени стои стравот од пораз на изборите коишто доаѓаат и мотивите да се злоупотреби изборниот процес, со цел да се фалсификува волјата на граѓаните. Не се случило до сега да се менува изборен модел без консензус, не се случило до сега да се менува изборен модел без да учествуваат сите политички во дискусијата за истиот или барем најголемите“, изјави потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски, на прес конференција.

Според него, во изминатите неколку месеци имаше интензивна комуникација на неформално ниво помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во која беше договорено и имаше за цел изнаоѓање на консензус по однос на изборниот модел, како и имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР што се суштински за фер и демократски избори.

Решението, според Николовски, требаше да се однесува на двете работи, изборен модел и имплементација на  препораките на ОБСЕ и ОДИХР за слободни фер и демократски избори коишто се однесуваат на изборите 2016-та, 2017-та и 2019-та година. Ставот на ВМРО ДПМНЕ и тогаш и сега беше дека не треба да се брза, туку дека треба да се вклучи целокупната експертска јавност и да се има јавна дебата на која ќе се искристализираат најдобрите решенија.

Николовски додава дека, со оглед дека за овие избори согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР, објективно нема доволно време за имплементација на нов изборен модел, како и дека за промена на изборен модел потребни се широки општествени и политички дебати и консензус, двете партии се согласиле дека веднаш по завршувањето на парламентарните избори во 2020 година, ќе пристапат во интензивни преговори во насока на постигнување на таков консензус. И дека сите прашања во врска со модалитетите и имплементацијата ќе бидат дефинирани на експертско ниво.

„Сето ова падна во вода, кога СДСМ реши на сила, шверцерски и еднострано да ги турка нивните решенија низ собраниската процедура без консензус, без широка поддршка и без експертска анализа, спротивно на заложбите од неформалните контакти коишто ги имавме изминативе неколку месеци. Практично уште еднаш на дело имаме тиранија на партијата на власт над останатите политички групи во собранието. Навистина е нејасно како за СДСМ и Заев беше прифатливо до пред некој ден да не се брза со носење на решенија за Изборниот законик, и за истото решение по изборите да се бара широк политички и општествен консензус, како што е редот, а сега истото се поништува и на сила се туркаат измени на Изборниот законик“, рече Николовски.

Тој додаде дека, нема ниту еднаш ваков случај во нашата парламентарна историја на сила да се носат измени на Изборниот законик.

„И исто како во законот за јазици поради ова лицемерие на Заев и СДСМ и овој проект ќе им се удри од ѕид. На сила и со едноумие, не се владее. СДСМ не може да ја множи со нула волјата на граѓаните, не може да ја множи со нула волјата на опозицијата и останатите политички партии во собранието. Овие измени се предлагаат не да и донесат добро на Македонија, туку за да внесат дополнителен хаос и спомнав ако целта на Заев е да избега од избори тоа нема да му успее. А ако целта е исто така да се заборави на аферите коишто секојдневно еруптираат исто така тоа нема да му успее затоа што примарен интерес на граѓаните е да дознаат како владее оваа власт, а не кој изборен модел ќе го има“, рече тој.

Во однос на номинацијата на кандидати за амбасадори на Република Македонија во различни дипломатски конзуларни претставништва Николовски укажа дека првата и најзагрижувачка работа е што овие номинации доаѓаат практично на две недели пред оставката на претседателот на владата и воведување на техничка влада, значи во класичен предизборен период.

„Се поставува логичното прашање, како после промената на власта, таа власт би соработувала со решенија кои што се избрзани, партиски именувани и далеко од стручни?“, праша тој. Додаде дека големиот број на предлози, покажува дека во последен момент се полнат Амбасадите не со стручни кадри, не со посветени кадри, и не и со кадри што имаат политичко знаење и ќе можат да одговорат политички на предизвиците кои што и следуваат на Македонија, туку исклучиво со кадри што се блиски на актуелната власт.

Трето, лицемерието да брзаат да ги пратат кандидатите по стариот Закон, односно по постојниот Закон за надворешни работи, а во исто време форсираат нов Закон по кој што закон никој од овие кандидати не ги исполнува условите, само покажува со какви луѓе имаме работа.

„Да е парадоксот најголем дури и Никола Димитров не ги исполнува условите за Амбасадор по новиот Закон што го предлага, што е штета нели секогаш во минатото очекувал ВМРО-ДПМНЕ да го праќа за Амбасадор, па еве ќе му се ускрати една можност за во иднина“.

… „Индикативно е што владата три години не може да смисли основен концепт за дипломатската мрежа како и за персонални решенија. Индикативно е што им требаа две години за да назначат конзули во Истанбул, Солун, Мелбурн, Торонто  и останатите конзулати иако за тоа не е потребна согласност со претседателот на државата, односно владата самостојно именува конзули како и што е индикативно е дека им требаа повеќе од 8 месец да се усогласат со претседателот на државата кој што гледаме и самиот не е среќен со ваквото испраќање на амбасадори пред избори“.

На прашањето кој е ставот на партијата  во врска со скандалот за централата ТЕ-ТО, во кој постојат сериозни индиции за перење на пари кој ги извлекол од Македонија рускиот олигарх Леонид Лебедев и со тоа и наштетил на акционерите во оваа компанија, Николовски дговори она што не загрижува е што директно има инволвираност на највисоките луѓе од власта. „Индикативен е судирот на интереси со потпретседателот на владата, кој што тргувал со електрична енергија заедно со оваа компанија. На изнесените факти и аргументи во јавноста, сеуште нема никаква реакција ниту од министерството за внатрешни работи нити од Јавното обвинителство. Ги повикуваваме да постапат соодветно на законските надлежности кои што ги имаат, затоа што за две до три недели ќе има промени во министерството за внатрешни работи и ќе може да се види што се прикривало, а што се работело како што треба да се работи“, рече тој.

Во врска со поднесените 9.000 амандмани за законите за Јавно обвинителска служба и Академија за судии и обвинители и Изборниот законик, Николоски одговори дека во последните неколку дена во Собранието вкупно се стигнати преку 180 закони по скратена постапка. „Кој има време да ги прочита, кој има време да ги издебатира. Ако во минатото, СДСМ беше критичар на одредени лоши практики на брзо носење на закони, со кои што јас тогаш се согласував и учествував во измените на деловникот, со цел тоа да се спречи, сега гледаме дека наоѓаат начин да го изиграат деловникот и да, практично, овогодишни божикни и новогодишни празници, се обидат да истуркаат 180 закони, кои што се во корист на СДСМ но не во корист на граѓаните. И кои што никој не може соодветно да ги прочита, а камо ли експертски да ги издебатира, а има и многу сериозни законски решенија таму. Наша можност, единствено што можеме да направиме како опозиција, е да се обидеме да тој процес го блокираме за да ни се остави доволно временски период да можеме да ги проучиме законските решенија“, рече тој.