Изборот на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа пред пратениците

Собранието денеска треба да ја продолжи 88-та седница, на која пратениците ќе дискутираат за предлогот за избор на Ристо Пенов за министер за локална самуправа.

Пенов е предложен за ова министерско место откако досегашниот министер за локална самоуправа Горан Милевски на 20-ти септември годинава поднесе оставка од функцијата од лични причини. Оставката на Милевски беше констатирана на вчерашната пленарна седница.

На денешното продолжение на 88. пленарна седница, пратениците меѓу другото ќе дискутираат и за предлозите за избор на судии на Уставниот суд, како и за Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.

Пратениците вчера едногласно дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозицијата. Од присутните 84 пратеници, сите гласаа „за“. Немаше ниту еден против или воздржан.

Собранието, исто така, едногласно со вкупно 76 гласа „за“ и без ниту еден против или воздржан, дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратеници од владејачките партии.