Судскиот совет на денешната 436-та седница ги избра Анита Бошковска и Катерина Георгиевска за судијки во Врховниот суд од граѓанска област.
На огласот за избор на четири судии во Врховниот суд, од кои двајца за кривична област и двајца за граѓанска област, беа пријавени по петмина кандидати, но Судскиот совет не избра ниту еден од петмината кандидати за судии од кривична област.
Судијките Анита Бошковска и Катерина Георгиевска беа избрани од Судскиот совет со 10 гласа „за“ и со само 2 „против“. Неизбран остана судијата Енвер Беџети од Апелација, познат како еден од петте судии што одлучија „Таргет – Тврдина“ да се суди одново и со тоа го ослободија Сашо Мијалков. Освен Беџети, ниту еден од другите четири кандидати не доби поддршка од членовите на Судскиот совет за да суди кривична област.