Избрани претседател и заменик претседател на Советот за етика на медиумите на Македонија

Членовите на новоизбраниот Управен одбор на Советот за етика на медиумуите на Македонија (СЕММ), на денешниот состанок, избраа претседател и негов заменик. На овие позиции се најдоа Катерина Синадиновска од „Капитал“, а заменик претседател е Ивана Костова од „Телеграф“.

Одборот реши дека наредната недела ќе се објави оглас во согласност со статутот на СЕММ за формирање на Комисија за жалби која ќе има обврска редовно да се состанува и да решава по однос на примените поплаки од граѓаните за известувањето на медиумите. Комисијата ќе има седум члена од кои двајца ќе ги претставуваат сопствениците на медиумите, двајца новинарите по предлог на ЗНМ и тројца претставници ќе ја претставуваат јавноста. Во наредниот период СЕММ ќе работи на градење на капацитетите со цел телото да стане целосно оперативно и препознаено во јавноста.

СЕММ се формираше на основачко собрание на 19 декември 2013 година, на кое присустуваа над триесетина претставници на електронски, печатени, интернет и регионални медиуми и претставници на Здружението на новинарите на Македонија, Македонскиот институт на медиуми, Новинарскиот синдикат и Здружението на приватни електронски медиуми на Македонија во кое членуваат над 60 – тина регионални и локални медиуми.

Управниот одбор кој брои седум члена го сочинуваат Марина Домазетовска од „МПМ“ како претставник на печатените медиуми, Билјана Трендафилова од „МТВ“, Ивана Костовска од 2Телеграф3 како претставник на интернет медиумите и Сашо Митановски од ЗПММ како претставник на регионални медиуми. По предлог на ЗНМ, Собранието за членови на Управниот одбор ги изгласа Исуф Кадриу од „Алсат-М“, Катерина Синадиновска од „Капитал“ и Драган Антоновски од интернет порталот „Локално.мк“.