Министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека Илија Псалтиров во Варшава, Абдулџемил Саити во Минхен, Сузана Тунева во Анкара и Бекри Ајдини во Абу Даби ќе бидат првите економски советници што ќе бидат испратени во втората половина од годината како промотори во рамките на дипломатската мрежа.
Османи најави сеопфатна теоретска и практична обука за овие дипломати-промотори кои ќе треба да овозможат нови извозни пазари и да ја прикажат државата како атрактивна туристичка дестинација.Обуката ќе започне од понеделник.
– МНР има над 200-тини дипломати низ дипломатската мрежа, овие ќе бидат дел од таа мрежа, но како специфично профилирани чија дејност ќе се остварува во рамки на вкупните трошоци на мрежата. Мандатот на дипломатите е три години, но нивниот мандат ќе се евалуира на секоја година, рече Османи.
Тој смета дека концептот економски промотори порано не бил погрешен концепт, но дека претходниот кој сега е укинат имал многу системски слабости.
– По 2010 следува суштинска промена на извозната структура преку гринфилд-инвестициите. Тоа е резултат и на тоа што имавме промотори. Но имаше слабости на тој систем, што сега сакаме да ги коригираме. Комбинација од дипломатско искуство и економско знаење фалеше во претходниот период . Претходно беше некоординирано испраќањето само од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, смета министерот.
Четворицата ќе работат како посебни економски советници и физички ќе бидат сместени во амбасадите. Османи најави наскоро и економски советници во Светската трговска организација во Женева и во организацијата за земјоделство ФАО.