Изгласана резолуцијата за прогласување на Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница

Генералното собрание на Обединетите нации ја изгласа резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Осумдесет и четири држави гласаа „за“, 19 беа против, а 68 земји беа воздржани.

Резолуцијата, предложена од Германија и Руанда, поддршка доби од уште десетина други држави, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, освен Србија.

Со неа се предлага 11-ти јули да биде Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот од 1995-тата година, кога беа убиени осум илјади босански муслимани.

„Пред речиси 30 години, преку 8 илјади босански муслимани се систематски убиени во градот Сребреница. Убиствата почнаа на 11-ти јули 1995 годсина и траеа неколку денови. Претходното тврдење за сребреница како безбедна зона преку резолуција на советот за безбедност не успеа да го спречи овој злочин. Овој акт на геноцид, доведе до трагична смрт на жртвите и до незамисливи страдања на преживеаните.“ – изјави Антје Леендерсте – Амбасадор на Германија во ОН.

Но официјален Белград негира дека во јули 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците, туку дека станува збор за „страшно злосторство“. На гласањето му претходеше барањето на постојаната мисија на Србија во ОН, која побара да се повлече нацрт-резолуцијата, со напомена дека Србија не била консултирана за нејзината содржина, како и дека предложениот документ предизвикува тензија во регионот и поделба меѓу членките на организацијата.

Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека без разлика какви докази да приложат, моќните држави ќе донесат одлука каква ним им одговара.

„Од оние кои ја поддржуваат резолуцијата не слушнавме неколку одговори…Како прво, зашто се поднесува оваа резолуција. Ако зборуваме за поеднинечна правна одговорност тоа е веќе направено. Тоа е веќе испорачано. Сите оние кои беа обвинети се веќе осудени. Во оваа резолуција нема конкретни имиња. Се зборува за се и сешто. Имаше барање за помирување. Дали оваа резолуција ќе донесе било какво помирување? Не, нема да го направи тоа.“ – изјави Вучиќ.

Но, дали резолуцијата ќе доведе и до распад на Босна и Херцеговина? Првиот човек на на Република Српска, Милорад Додик тврди дека државата дошла до својот крај и дека сега е вистинсиот момент сите да тргнат на различна страна.

„Имаше многу болни работи кои ги прифативме, и ние и тие ко9и беа пред нас и сите преставници на владата. Без никакво оправдување, сакам да кажам дека тоа беа такви историски, безбедносни, политички околности во кои меѓународната заедница ја наметнуваше својата волја. Тогаш изборот беше или да исчезнете или нешто да дадете. Ние моравме нешто да дадеме за да дојдеме денес до ситуација кога можеме да бараме мирен излез. И тоа ќе се обидеме да го направииме во следните неколку години. Бидејќи ввака навистина не функционира.“ – изјави Додик.

Во предлог-резолуцијата се потсетува на пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг и на Меѓународниот суд на правдата, кои злосторството во Сребреница го окарактеризираа како геноцид. Над 50 лица беа осудени на околу 700 години затвор, а Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, меѓу другите, добија доживотен затвор.