Салата на кошаркарскиот клуб Гравлен во северна Франција изгоре до темел на Божик во голем пожар, пренесе AFP.
„Веќе нема кошаркарска сала, сè исчезна во чадот“, изјави претседателот на клубот Гравлен, Кристијан Девос. „Четириесет години од животот во салата Спортика исчезнаа во чадот“, додаде тој.
Изгоре целиот спортски комплекс во кој се вклучени базенот, кафетеријата и придружни објекти, а повеќе од 60 пожарникари беа мобилизирани да го изгаснат пожарот кој ја опустоши салата со 3.000 седишта.
„Да бевме во период на голема посетеност на базенот или да трениравме во кошаркарската сала, ќе беше катастрофално“, подвлече Кристијан Девос. „Но, сè беше затворено, на одржување. И немаше тренинг за кошаркарскиот тим кога избувна пожарот“, додаде тој.
Седумнаесеттиот, воедно претпоследно пласиран во првата француска лига, тимот на Гравлен во четврток требаше да го пречека моментално второпалсираниот Париз, но натпреварот нема да се одржи.
Гравлен беше финалист во француската лига во 2004 година, а една година подоцна го освои Купот.