Изгоре куќа во Скопје, a сопствениците се сомневаат дека пожарот е подметнат

Куќа на ул. „1737“ во близина на Адвокатската улица во Скопје изгоре во пожар што избувнал ноќеска. Во Пожарна бил пријавен во 3:20 часот и интервенирале 13 пожарникари со шест возила.

Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, за МИА изјави дека пожарот зафатил површина од околу 350 квадратни метри и дека бил во фаза на распламтување низ целиот објект кога пожарникарите дошле да го гасат.

„Почнат е од подрумските простории, проширен е на приземје и на катот“, рече Томевски, додавајќи дека е изгаснат и во моментов се расчистува локацијата, а бидејќи се работи за стар објект, изграден од дрво, на терен е сè уште противпожарна екипа.
Сопствениците на опожарената куќа ја издавале под кирија и во неа имало печатница и адвокатски канцеларии. Тие биле на местото на настанот и изразиле сомнеж дека пожарот бил подметнат, бидејќи во септември изгорела и соседната куќа, пренесува МИА.