Изготвен безбедносен план за Мијалков во затворот во Скопје

Притвореникот Сашо Мијалков се наоѓа во истражниот затвор Скопје до правосилноста на пресудата, а каде ќе ја издржува затворската казна зависи од судијата за извршување санкции, изјави денеска Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување санкции.

Апсолутно ве уверувам, истакна Спасовски, дека во овој момент можеме да ја гарантираме безбедноста и на Мијалков и на сите осудени и притворени лица.

– Изготвен е безбедносен план конкретно за притворениот Сашо Мијалков, за негово движење, конкретно за шетањето и се запазени сите безбедносни протоколи и стандардни оперативни процедури за да не дојде до каков било инцидент – изјави Спасовски, кој денеска заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски извршија увид во текот на попишувањето во Казнено-поправната установа К’шање, Кумановско.

Директорот на Управата за извршување санкции информира дека во овој момент нема позитивни лица на ковид-19 во ниту еден затвор, ниту пак има суспектни на коронавирус.