„Изгубената“ бриселска тројка

Најавеното присуство на премиерот Христијан Мицкоски на Минхенската безбедносна конференција, како и посетата на Вашингтон доаѓаат во вистинско време. Одлуката на претседателите Путин и Трамп, за брзо започнување на мировните преговори, како и говорот на државниот секретар на САД за одбрана на министерскиот состанок на НАТО, ги разбранува духовите во Европа. Уште поважно, настапот на премиерот Мицкоски и во Минхен и во Вашингтон ќе овозможи да се слушне и македонскиот глас, во овие разбуркани денови, кои некои веќе ги нарекоа историски.

На почетокот на овој месец, во Брисел, се одржа годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија. Како што е редот, на неа свои обраќања имаа претседателот на Европскиот Совет, Антонио Коста, претседателката на Европската комисија, госпоѓата Фон дер Лајен и потпретседателката на Комисијата и високиот преставник госпоѓата Каја Калас. Сите тие, секој во свој сил, на амбасадорите им ги презентираа сопствените видувања за состојбите во светот, поедини региони, но и генералните принципи врз кои се води надворешната политика на Унијата.

Претседателот на Европскиот совет на почетокот на своето обраќање, акцент стави на глобалните состојби. Според него: „…ние се соочуваме со свет на фрагментација и поларизација. На незаконие и комплексност. Свет во кој политиката на сила се врати… Помалу мултирателарни заложби за справување со глобалните предизвици како климатските промени и намалување на сиромаштијата; војната искористена како геополитичка алатка за остварување на националните интереси; хибридни напади… протекционизам како економски начин за решавање на економските проблеми… новите технолигии кои го нарушуваат балансот внатре во политичките системи и помеѓу нациите…“.

Претседателката на Европската комисија, фон дер Лајен, осврнувајќи се на истово прашање кажа: „…Големиот страв се враќа. Од стравот за климатски промени до вештачката интелигенција, до тој од миграцијата, или едноставно да не бидете оставени назад. И ова исто така се шири низ глобалните работи. Државите ги претвараат во оружје своите извори на сила една против друга. Ние сега сме длабоко во ера на хипер-конкуренција и хипер-транскациона геополитика… Ние сме во свет каде не можеме многу да ги земеме како загарантирани правилата и нормите што ги градевме изминативе 70 години. Свет во кој има заеднички обиди да се создадат сфери на влијание – па дури и да се пригрaби земја, слично на 19-от век. Свет во кој растечките сили останаа без илузии за начинот на работата на меѓународниот систем и зајакнато работат на алтернативи. Во најголемиот број на случаи тие ќе работат со секој оној кој ќе даде најдобра понуда на масата…“.

Најзадолжената за надворешната политика на Унијата, Високата преставничка за надворешни и бебедносни работи, на ова прашање не му посвети внимание.  Едноставно го игнорираше. Од друга страна, презентираниве цитати на првите луѓе на Унијата, на прв поглед делуваат унисоно. Но, не е така. Ставот на претседателот на Европскиот совет е далеку повоздржан и поконцизен. За разлика од него, претседателката на Европската комисија индиректно ги обвинува Кина и Русија за обиди за создавање на сфери на влијание, а САД под претседателство на Трамп за хипер-транскациска гео-политика. Уште повеќе, таа индиректно ги обвини и растечките сили за немање на принципи во надворешната политика. Едноставно го игнорираше фактот дека секоја држава делува согласно своите национални интереси. Тоа се однесува и на земјите членки на Унијата.  При ова треба да се потенцира дека националните интереси на ниту една земја не треба да се форсираат спротивно на меѓународното право. Но, таа тоа не го споменува. Таа го користи речникот на големите сили и зборува за „загарантирани правила“. Игнорирајќи го фактот дека токму есклузивното право на големите сили да дејствуваат согласно „правилата“, а не „правото“ придонесе за креирањето на глобалната криза.

Во продолжение на своите обраќања, тие разбирливо акцент ставија на војната во Украина. Претседателот на Европскиот совет изјави: „…Јасно е дека руската агресивна војна беше неиспровоцирана; јасно е дека таа предизвика невидени страдања; јасно е дека таа го наруши украинскиот суверенитет, украинското право на себеопределување и украинскиот територијален интегритет; јасно е дека војната во Украина не е само војна на европска почва; тоа е војна која ги загрозува фундаментите на целата меѓународна заедница. Наградувањето на агресорот, наградувањето на нарушувањето на територијалниот интегритет, е закана за секого. Затоа нашата позиција е јасна: Европската Унија ќе ја подржи Украина толку долго колку што е потребно и со се што треба; ќе ги зајакнеме украинските позиции под кои било услови за целосен праведен и одржлив мир. Мир избран од Украина и Украинците…“.

Госпоѓата фон дер Лајен по ова прашање истакна: „…Наш прв приоритет е да го зајакнеме украинскиот отпор… Ние мора да ја забрзаме испораката на оружје и муниција. Ова ќе биде во самото срце на нашата работа во неделите што доаѓаат. Никој не сака повеќе мир отколу народот на Украина. Но, има само еден пат до праведен и траен мир што тие го посакуваа. И тој пропаѓа преку воено и финасиско зајакнување на Украина…  Високата преставничка, исто така, се осврна на војната во Украина. Таа меѓу другото рече: „… Украина треба да биде наш врвен приоритет. Бидејќи Путин ја сака цела Украина, тоа нема да се случи. Тој не е загрижен за НАТО, ако беше немаше да ги повлече своите трупи од границите со НАТО за да се борат во Украина. Тој е многу повеќе заради проширувањето на демократијата и вредностите зад кои ЕУ стои… Ние треба да бидеме силни за Украина… Не смееме да зборуваме за да направиме помалку, кога мораме да направиме повеќе. Кога има воља има и пат… Русија е егзистенцијална закана за сите нас. Јас не сакам да слушам што ние не можеме да направиме. Сакам да зборуваме и делуваме  врз основа на тоа што можеме…“.

Искажаниве мисли укажуваат на едно. Тројцата највисоки преставници на Унијата за надворешна политика ги повторуват, на еден или друг начин, веќе познатите ставови. Ставови кои не водат сметка за фактот дека Русите и Американците веќе преговараат. Ставови кои потполно ја игнорираат фактичката состојба на теренот.  Украина не може да стане посилна бидејќи нема доволен број на војници. Од ова може да се извлече само еден заклучок. Земјите членки на Унијата сеуште немаат изградено заеднички став за најновиот развој на состојбите. Во такви услови, на бриселските технократи не им останува ништо друго туку да го повторуваат веќе познатото. При тоа воопшто не внимаваат на фактот дека пари има се’ помалку, а Русија, сакале или не скале, географски ќе остане таму каде што е. Нивни сосед!

Интересно е да се напомене дека само претседателот на Европскиот совет, Коста, во своето обраќање накусо се осврна на проширувањето. И претседателката на Комисијата и Високата преставничка го игнорираа ова прашање. Коста истакна: „… Сосема е јасно дека проширувањето е најдобра геостратешка инвестиција за нашиот мир, безбедност и стабилност која ние може да ја направиме. Со Украина, Молдавија, и шесте земји од Западен Балкан. Бидејќи нивната иднина лежи во Европската Унија. Тоа докажува дека Европската Унија е атрактивна и моќна. Ние сега имаме нов момент за проширување, затоа да создадеме неопходни услови, на сите страни, за да ја искористиме предноста од тоа…“.

Кусиов пасус на Коста, на прв поглед делува веќе познато. Тоа е мантрата која сеуште не е сменета. Сепак, две работи привлекуваат внимание. Едната е употребата на зборот „геостратешка“. Сведувањето на проширувањето на Унијата на геостратегија, за земјите кандидати, може да биде ризично. Од неколку аспекти. При ова, за да нема забуна геостратегија е активно делување кое има за цел да реализира одредени геополитички цели. Доколку западен Балкан, или Украина и Молдавија се геостратешка инвестиција, тоа значи дека таа инвестиција е изложена на промени во зависност од регионалниот однос на силите. Паралелно со ова таа инвестиција може и подразбира и мешање во внатрешните работи на земјите кандидати. И најважно од се’, таа самата по себе означува омаловажување на усвоените критериуми за прием на земјите кандидати. Гледано од овој апект, напредувањето на Украина е резултат на геостратегијата, а не на критериумите; шарената револуција во Македонија и моменталната во Србија е дел на оваа геостратегија, исто како што може да се толкува и бугарско-македонскиот спор. Во крајна линија, од аспект на геостратешкиот интерес на Европската Унија, сосема е сеедно дали земјите кандидати ќе бидат примени или не. На Унијата и е важно во тој регион да имаат влади кои водат лојална про-европска политика. И на тој начин таа ќе си ја обезбеди целта-мир, безбедност и стабилност.

Втората работа која „боде очи“ е неговиот повик во последната реченица – „да создадеме неопходни услови, на сите страни…“.  Сите страни не може да значи ништо друго, туку земјите членки на Унијата, од една страна и земјите кандидати, од друга. Кажано со други зборови, Коста ги повикува земјите членки на Унијата да создадат услови за прием на нови кандидати, истовремено повикувајќи ги земјите претенденти да ги исполнат условите за прием. Кажано уште поедноставено. Нема прием на нови кандидати доколку Унијата не ја заврши својата домашна задача. А, не може да ја заврши се’ додека таа задача самата не си ја зададе. Оттука, се’ додека Унијата внатрешно не се реформира, се’ дотогаш на сила останува гео-стратегијата. Се разбира и домашната задача на земјите кандидати да продолжат со реформите. Тоа е за нивно добро, без оглед дали ќе станат членки, кои порано кои подоцна, а некои може и никогаш. Фон дер Лајен и Калас, ова добро го знаат. Тие во своите говори не го споменаа ова парашање. Им упатија дискретна порака на амбсадорите дека за ова прашање сеуште е рано да се зборува.

Искажаниве зборови немаат претензија на категоричност. Македонското министерство за надворешни работи, со сите информации и анализи кои ги поседува, можно е да им даде и сосема друга конотација. Но, едно е јасно. Овие три обраќања бараат детална анализа. Всушност, преостанатите делови од говорите, кои се однесуваат на односите со САД, Кина, но и различните региони кои се од интерес за Унијата, ја даваат целосната слика за размислувањето и идното делување на Брисел. Со доза на искреност може да се каже дека размислувањето, а со тоа и делувањето не ветуваат многу. Бриселската тројка делува како да е отсечена од реалноста. Нешто што МНР треба да го земе во предвид. Обврската за усогласувањето на нашата надворешна политика, со таа на Европската Унија, ова нужно го побарува. Дотолку повеќе што овие тројца највисоки европски технократи искажаа заложби, кои не кореспондираат целосно со заложбите на поедини земјите членки на Унијата. Држава како Македонија, во таква дискрепанца, може да биде добитник, но и губитник.

Најавеното присуство на премиерот Мицкоски, на Минхенската безбедносна конференција, како и посетата на Вашингтон доаѓаат во вистинско време.  Одлуката на претседателите Путин и Трамп, за брзо започнување на мировните преговори, како и говорот на државниот секретар на САД за одбрана на министерскиот состанок на НАТО, ги разбранува духовите во Европа. Присуството на нашата делегација ќе биде уникатна можност да се чујат размислите на преставниците на различните држави. Со самото да се дефинира нашата позиција, согласно нашите национални интереси. Уште поважно, настапот на премиерот и во Минхен и во Вашингтон ќе овозможи да се слушне и македонскиот глас, во овие разбуркани денови, кои некои веќе ги нарекоа историски.

Автор: Јован Донев за НетПрес