
„365 килограми живот“ е насловот на уметничката инсталација што ќе биде поставена во петок од 19.00 часот во галеријата „Борко Лазески“ на ЦК Марко Цепенков во Прилеп, дело на уметникот Перо Кованцалиев од Гевгелија кој живее и работи во Скопје.
Инсталацијата е составена од таканаречени биобалони, орган кој претходно бил дел од жив организам. Тоa е мочниот меур кај животното кој е препариран и исполнет со воздух.
-Со тоа се создава сличноста со балоните во секојдневието кој најчесто се дел од некоја прослава со цел да го разубават и декорираат просторот околу нас. Овие биобалони го одсликуваат последниот здив кај животното. Животно кое е насилно размножувано, измачувано, тероризирано и на крај убиено, за истото да се понуди на пазарот како производ од кој се профитира – вели авторот.
Тој е мултидисциплинарен уметник кој работи низ повеќе визуелни медиуми и пракси. Во неговиот главен интерс е следењето на општествените промени како локалните така и глобалните каде што својата визуелна интерпретација ја преточува во еден вид на коментар кој е во прилог на одржливиот развој на животната средина, каде човекот ја има најважната улога.
Во неговите дела материјалот има секундарна важност во однос на идејата. Тоа е лесно видливо во опусот на неговото творештво каде користи различни материјали и пракси за материјализирање на идеата. Скулптурата, сликарството, графиката, кинетиката, дигиталните медиуми како видеото и фотографијата, инсталацијата, се уметничките форми на неговото визуелно изразување.
Перо Кованцалиев е уметник кој има завршено средно уметничко училиште во Скопје а, подоцна и дипломира на Факултетот за ликовни уметности исто во Скопје. Моментало е на постдипломски студи, а оваа инсталација е дел од неговото истражување во текот на студиите. Тој низ ова дело воедно ги поставува прашањата за активизмот во уметноста. Дали уметноста се одалечува од својата примарна улога, и кој се границите каде таа е присутна.