На 4.Меѓународен саем за уметност „Арт Тесалоники“ кој ќе се одржува од утре до 24 ноември во Солун ќе биде претставена и изложбата „Неочекуван дијалог – Пикасо и Јанкуловски“ која вклучува керамики од Пабло Пикасо и слики на Мице Јанкуловски, соопшти галеријата „Остен“. Куратор на изложбата е проф. Манос Стефанидис од Атина.
-Целта на организаторите оваа година е саемот да ги надмине претходните три, навистина многу успешни изданија. Меѓународниот саем за уметност „Арт Тесалоники“ беше основан како најважен уметнички настан во Југоисточна Европа. Покрај неговата комерцијална димензија, присуството на најважните галерии во Грција, но и од целиот свет, го направија престижен културен настан. Почесен уметник оваа година е Американецот со грчко потекло Били Зејн, информира „Остен“.
Во рамки на саемот, Светската асоцијација на визуелните уметноти ќе додели три награди: за најдобра галерија, најдобар куратор и најдобар уметник.