Ве известуваме дека на 6ти октомври во 19 часот во Музеј на Македонија во Скопје ќе се одржи изложба на концептуален филигрански накит со наслов “МАМКА” на уметницата и етнолог Марија Милошевска.
Марија Милошевска веќе дваесетина години го промовира филигранскиот занает преку современиот концепт низ различни медиуми како накит, инсталации, објекти, перформанси и видео арт.
Инспирирана од најстарото пишано сведоштво за потеклото на вештачката рибарска мушичка, во светот позната под името Macedonian fly, во 2017 го создава брендот “МАкедонска МушичкА – МАМКА” кој го прикажува филигранскиот концепт како пристап, практика за накит и критички дискурс во креирањето на културата.
Оваа колекција го истражува изработувањето на накитот како начин на размислување и толкување преку иновативен и применлив пристап во различни дисциплини.
“МАМКА“е директно поврзана со моментот на опстанок, кој преку филигранското дело и техниката за изработка на вештачки мушички за рибарење се оживува во сегашното време како момент на постоење, преку практичен и уметничко – научен пристап.
Културата, како начин на живот, претставува обид кој го вклучува значењето на егзистенцијата, светот на објектите и секојдневните пракси кои го произведуваат материјалниот живот, на тој начин што ни нуди модели за комплексна евалуација.
Куратор на изложбата е Лени Дончева, историчар на уметност која работи како куратор во Градскиот музеј во Бад Херсфелд, Германија.
Емилија Лазаревска магистер во областа на реставрација и конзервација на темперна техника, преку нејзиниот уметнички сенс несебично придонесе за креирање на визуелниот идентитет на оваа приказна.
Видео инсталацијата е на Сергеј Сарчевски, дипломиран директор на фотографија при универзитетот Westminster во Лондон, В.Британија. Фотографиите се на Александар Ивановски, асистент Оливер Настески.
Проектот е од национален интерес во културата за 2022 година, и е поддржан од Министерството за култура на РСМ. Изложбата ќе трае до 24-ти октомври 2022 година.
Биографија Марија Милошевска
Марија Милошевска е родена 1982 година во Скопје. По завршувањето на студиите по етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет во 2004, се фокусира на изучување и пренесување на процесот на филигранската техника преку разни медиуми. Во 2009 година, го изведува првиот перформанс во кој ја прикажува филигранската техника како процес на оживување, почнувајќи од постојаноста на материјата, преку вдахнувањето форма и содржина, до самиот крај, кога делото живее и поседува љубов и енергија.
На XIV Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот, во областа на применетите уметности, кое се одржа во Скопје во 2009, Марија Милошевска е еден од претаставниците на Македонија.
Првата самостојна изложба на филигрански накит и инсталации „ОРОРОК – ладна жица стопена во жежок ритам“, инспирирана од ексјугословенската рок-музика, Милошевска ја презентира во 2011, во Скопје, Гевгелија и во Љубљана.
2012 година е значајна творечка година за Милошевска, изведува уште два перформанса на филигранска техника, во Скопје и во Виена, и го промовира и својот прв документарен филм „Сребрена песна“/Silver song, претставен на повеќе фестивали надвор од Македонија.
Фестивалот за документарни рок-филмови „ДОРФ“ во Винковци, Хрватска, четири години и ја даде довербата да биде дел од креативниот тим и да ги дизајнира наградите. Во јули 2015 година ја изработува наградата за животно дело за музичарот Дејвид Боуви, доделена од фестивалот “Skopje Cinema City”.
Во соработка со кураторската организација „Something human“ од Лондон, Милошевска реализира два перформанси, „Дом, миграција, идентитет“ во Скопје и „Crisis”, во Bonington Gallery, Нотингем, В. Британија.
Во 2017 година е дел од проектот за претприемачи во организација на CEED HUB, поддржана од програмата IME на Амбасадата на Швајцарија во Скопје.
Марија Милошевска со перформансот на филигранска техника на тема „Уметноста е жива”/ „Art is alive” го отвора фестивалот за нови медиуми Grisia Youth во Ровињ, Хрватска (2018).
Истата година во ноември Милошевска учествува во истражувачката програма на Номадски дијалози (Nomadic dialogue) во организација на CCFT (https://www.researchcatalogue.net/view/380422/491653) на Универзитетот за уметност, музика и дизајн во Берген, Норвешка, каде се претстави со перформанс и изложба на тема „Between imaginary boundaries” и „The ethics of fly fishing”.
Во април 2019 е дел од изложбата „Раскршће” на светскиот мајстор на филигранска техника Горан Ристовиќ, во Манакова куќа во Белград, Србија.
Марија Милошевска е основач на брендот #МАкедонскаМушичКА – МАМКА, чии производи ја пренесуваат приказната за најстарото пишано сведоштво за рибарскатата мушичка позната во светот под името Macedonian Fly.
Идејата за овој бренд како дел од областа на креативните индустрии е претставена на Creative business cup North Macedonia 2021.
Колекцијата “MAMKA” на Марија Милошевска ја добива наградата BIG SEE моден дизајн за 2021 во конкуренција на 23 земји од Европа – https://bigsee.eu/marija-miloshevska-mamka/
Во периодот од 25 август до 12 септември 2022 година колекцијата МАМКА беше промовирана во Етнографскиот музеј во Белград каде воедно беше и првата концептуална изложба од современ карактер во 121 година постоење на овој музеј во Белград