Изложба на скулптури „Модулар“ од Ненад Тонкин во МКЦ

„Модулар“ е насловот на изложбата на уметникот Ненад Тонкин која ќе се отвори вечерва од 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар, а публиката ќе може да ја види до 22 јуни.

„Идејата за ‘Модулар’ доаѓа од набљудување на градот и сосема спонтаната анализа на состојбата во него. При таа анализа Тонкин доаѓа до идеја да ги спои потребата за естетика во јавниот простор, како и потребата од мултифункционални јавни простори, кои ненаметливо ни нудат содржини и значења и нѐ мотивираат да го искусуваме градот во кој живееме. Принципот на модуларност е применет од практични причини: модуларните објекти можат да растат, да се намалуваат, да се трансформираат, а со тоа да го менуваат не само својот изглед, туку и изгледот на просторот во кој се наоѓаат. Пред вас се скици, макети од картон, кои нудат можни решенија за создавање на такви градски катчиња, каде што е возможна интеракција на луѓето и животните со овие модуларни, скулптурално-архитектонски објекти. Во сржта на овој циклус почива ДНК на човечкото – онаа нишка што полека ја губиме и на која е нужно да се навратиме пред да се доуништиме себеси и светот што ни е потребен: нишката на будност, свесност за другиот, солидарноста и скромноста“ ќе посочи Јана Јакимовска кон изложбата.

Ненад Тонкин (Скопје, 1978) е дипломиран вајар и сценограф на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од 2014 година досега има реализирано четири самостојни ликовни изложби во Гевгелија, Кичево, Скопје и една on-line и повеќе групни изложби во Македонија, Италија, Германија, Словенија и Црна Гора. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар (три претстави) и филм (два краткометражни филма). Од 2018 година заедно со уметницата Јана Јакимовска го започнуваат ликовниот проект Визија Скопје, кој вклучува повеќе ликовни уметници и студенти по ликовна уметност и архитектура. Визија Скопје има за цел преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап да понуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје и пошироко. Дел од неговите реализирани изложби се: Малите суштества од станот што се реновира – Галерија „КО-РА“, Скопје 2020; DEUS ex Machina – Подгорица, Црна Гора 2019; Trans-form:action – групна студентска изложба, учество со две дела, Музеј за современа уметност Метелкова, Љубљана 2019; In Situ – саем на уметности, учество со две дела во рамки на групата In Established, МКЦ Скопје 2018; Speech for free (инсталација во простор), Balkon zum Balkan во Баден-Баден, Германија 2014; All the hits (аудио инсталација), Paratissima Torino 10 во Торино, Италија 2014…