Изложба од катастрофалниот скопски земјотрес отворена со Софија

„Половина век сеќавање – засекогаш“ е насловена изложбата на фотографии во спомен на 50-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес која вчеравечер беше отворена во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.

Автор на 22-те антологиски фотографии, снимени во Скопје непосредно по земјотресот од 26 јули 1963 година, е Томислав Петернек.

Реализацијата на изложбата, која е дел од Годишната програма на Министерството за култура, е резултат на одличната соработка меќу Културно-информативниот центар на Република  Македонија во Софија и Македонскиот центар за фотографија.

 

Во присуство на многубројните гости од културно-уметничкиот живот во Софија и претставници на дипломатскиот кор во Бугарија, изложбата ја отворија директорите на центрите, Васко Шутаров и Роберт Јанкулоски.

Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија во текот на оваа, 2013 година реализираше повеќе од 50  проекти  од сите дејности на културата. Посебен интерес предизвикаа првото учество на Република Македонија на големата поетска манифестација на европските литератури „Литературна ноќ“, предавањето на Венко Андоновски на Филолошкиот факултет на Софискиот универзитет, литературните портрети на академик Митко Маџунков и претставувањето на творештвата на Јовица Тасевски-Етернијан, Михаил Ренџов и Радован Павловски.

Министерството за култура и во иднина ќе продолжи со поддршката на проекти на Македонскиот културно-информативен центар во Софија преку кои македонската култура и уметност, како и македонските уметници ќе бидат претставени во Република Бугарија.