Што може да ви се случи ако се изложувате на сонце денес?

Изгореници, топлотен удар и дехидрација… Ова се само дел од несаканите ефекти што може да му се случат на вашиот организам доколку не ги почитувате препораките за заштита од високите температури и премногу долго време се изложувате на сонце.

Половина Македонија во портокалова фаза

Половина Македонија денес е зафатена со температури од портокалова фаза. Метеоалармот е вклучен во шест региони од земјата.

Температури од портокалова фаза денес се очекуваат во Охридско–преспанскиот, јужно-вардарскиот регион и осоговско-малешевски регион.

Во овие региони температурите ќе бидат  повисоки од вообичаените за овој период од годината. Според информациите од УХМР дневната температура ќе се движи од 35 до 42 степени, а УВ индексот ќе изнесува 9.

Главните препораки се да останете во затемнети и разладени простории и да не се изложувате на сонце. Еве кои се последиците доколку не ги почитувате препораките:

Изгореници

Изгореници од сонце
Изгореници од сонце

За појавата на црвенило, рани и кожни меури најчесто директен виновник е директната изложеност на сончевото зрачење во комбинација со високиот УВ индекс. Интензитетот зависи од времето кое лицето го поминало на сонце, а искуствата покажуваат дека голем дел од луѓето воопшто не се свесни и загрижени во однос на тоа.

Проблемите и болките кај изгорениците од сонце можат да настанат дури и по 24 часа, но тогаш е речиси сигурно дека ќе бидете принудени да ги одложите понатамошните дневни активности за еден или повеќе денови.

Изгорениците од понизок или повисок степен се многу непријатно искуство. А ако се работи за изгореници од повисок степен тогаш треба да знаете дека тие можат да доведат и до трајни оштетувања и заболувања на кожата.

Штетното ултравиолетово зрачење директно се поврзува со сериозните изгореници на кожата кои можат да доведат до кожни заболувања и рак. Многу честа е појавата на оштетување на очите настаната заради рефлектирачкиот процес на сончевите зраци и водените површини. Вредноста на УВ индексот е различна и зависи од годишните периоди, географската положба, како и временските влијанија. Во основа, според скалата УВ индексот се движи во границите од 0 до над 11. Односно од минимален, па се до висок кој подразбира зголемена претпазливост и задолжителна заштита со облека и креми со висок заштитен фактор.

Топлотен удар и сончаница

Ваквите состојби на шок на организмот директно се поврзуваат со сериозни здравствени нарушувања кои многу често условуваат потреба од интервенција на стручно медицинско лице. Топлотниот удар настанува во оној момент кога организмот ја губи способноста да се прилагодува на високите температури.

Бидејќи организмот повеќе не е во состојба природно да ја намали температурата на телото, кое надминува 40 степени, може да дојде до сериозно оштетување на виталните органи како што се мозокот, срцето или бубрезите. Топлотниот удар може да се развие постапно или одеднаш.  Главни симптоми дека сте добиле топлотоен удар се покачување на телесната температура над 40 степени, силна главоболка, дезориентација, црвена и топла кожа, намалено потење, мачнина и повраќање, грчеви и забрзана работа на срцето.

 

Дехидрација

Топлото и спарно време предизвикуваат интензивно потење и загуба на течности во организмот.

Дехидрација
Дехидрација

Зголемена телесна температура, чувствување слабост и замор, како и сериозно оштетување на виталните органи. Ова се само дел од состојбите до кои може да доведе дехидрацијата. Исто така, мора да се напомене дека  загубеното количество на течности не се надоместува со уживање во вашето омилено кафе или коктел од алкохолни пијалоци.

 

На телото му се заканува шок од нагло разладување

На телото му се заканува шок од нагло разладување
На телото му се заканува шок од нагло разладување

Високите температури прават проблеми на терморегулацијата, па затоа е важно вештачкото разладување да го правите постепено. Во случаите кога температурата во затворените простории отстапува од надворешната за повеќе од пет степени, постои опасност да се јави извесен вид на термален шок.

Во човечката кожа има околу 250.000 точки кои реагираат на студено и околу 30.000 точки кои реагираат на топлина, па во умерени услови на организмот треба да му се овозможи наместо вештачки да го користи сопствен механизам за терморегулација.

Почитувајте ги препораките

Донесените препораки за ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, како и препораките да се избегнува вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот, продолжуваат да важат.

Покрај овие препораки, во регионите кои утре ќе бидат зафатени со температури од портокалова фаза (Охрид, Струга, Дебар, Ресен, Штип, Радовиш, Кавадарци, Демир Капија, Струмица, Гевгелија) Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во овој период, соопштуваат од Министерството за здравство.

За населението од целата територија на државата и понатаму важат општите препораки за заштита од високите температури, согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови:

– Во текот на екстремно топли денови, се препорачува престој во затворени климатизирани простории, а при неопходен престој на отворено, да се овозможат почести одмори под сенка.

– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце и заштитни очила и капа. При сончање се препорачува да се користи крема со висок заштитен фактор.

– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.

– Да се внесуваат големи количества течности (најдобро обична вода за пиење),  а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.

– При влегување во возило, потребно е одреден период да се проветри возилото.

Се препорачува хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Внимавајте на исхраната

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени).

Од Министерството за здравство, препорачуваат да се избегнува консумирање производи кои не се  термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.

Дополнителни препораки поради најавените температури од портокалова фаза

На предлог на Министерството за здравство на вчерашната владина седница беа донесенидополнителни препораки за заштита на населението од високите температури.

Владата донесе препорака за ослободување од работните обврски на сите лица кои работат со скратено работно време поради здравствени причини.

Воедно, се препорачува да се избегнува вршење градежни работи на отворено во периодот од 11 – 17 часот (за еден час подолго од досегашната мерка која се однесуваше на периодот од 12 – 17 часот).

Со цел заштита на ранливите групи на население, Владата донесе препораки за поактивен пристап на надлежните служби (Министерство за труд и социјална политика, локална самоуправа, Црвен крст) кон ранливите групи, како што се: бездомници, деца на улица, осамени лица, и сл.

Овие служби со координиран пристап потребно е да ги детектираат осамените, изнемоштени лица, да им пружат неопходна помош од храна и вода за пиење, додека за бездомниците и деца на улица да се обезбедат климатизирани простории каде ќе престојуваат во текот на најтоплиот дел од денот (11 – 17 часот).