Скопјанка сакала да помогне во хуманитарни акции, а останала без огромна сума на пари

Измамена е 76-годишна жена од Скопје од едно лице за сума од 479.540 денари. На социјална мрежа комуницирала со лицето кое побарало од неа да купи мобилни телефони и испрати пари за хуманитарни цели, по што парите ќе и бидат вратени. Но, парите не и биле вратени.

„На 13.11.2024 во 16:30 часот во СВР Скопје, 76-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 479.540 денари.

Според пријавеното, во периодот од февруари до 12.11.2024 на социјална мрежа комуницирала со лицето кое побарало од неа да купи мобилни телефони и испрати пари за хуманитарни цели, по што парите ќе и бидат вратени.

Како што е пријавено, таа во шест наврати купила шест мобилни телефони и преку брза пошта ги испратила на две лица од Гана и пуштила пари преку брз трансфер на пари на лице во Италија, но парите не и биле вратени“, информира МВР.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.