Измамени и ограбени двајца скопски пензионери

Двајца скопски пензионери од Карпош и Аеродром биле ограбени во понеделникот, откако наседнале на измами од две лица кои им украле 17.000 денари, информираше МВР.

Според полицијата, првата измама се случила околу 10.30 часот на автобуската станица кај Поликлиниката „Букурешт“. Додека И.М. (78) чекал автобус му пришло лице на возраст од околу 40 години, кое на пензионерот му рекол дека има некоја грешка во банката каде претходно ги подигнал парите од пензијата.

Измамникот му објаснил дека треба да се врати назад за да се исправела грешката. Двајцата заедно тргнале да одат кон банката, по што непознатиот му рекол да му ги даде нему парите, а И.М.му дал 8.000 денари. Тогаш измамникот застанал и почнал да разговара на телефон, па на старецот му рекол да оди во банката, а тој веднаш ќе дошол.

Пензионерот влегол во банката и побарал од вработените да ја исправат грешката, но тие му рекле дека е измамен. Тој веднаш истрчал надвор, но измамникот веќе не бил таму, па случајот го пријавил во полицијата.

На идентичен начин била ограбена и скопјанката Е.К.Ф.(76) од Скопје. Таа пријавила дека истиот ден околу 13 часот седела на клупа во парк на булеварот Јане Сандански. Тогаш и пришло лице на возраст од околу 25 години, кое и рекло дека парите кои предходно ги извадила од банка не биле во ред и дека по грешка и биле дадени. Тој и објаснил дека треба да ги врати парите да и ги заменат.

Двајцата се упатиле кон банката, а измамникот ја фатил старицата под рака за да и помогне да ја преминат улицата. Тој и рекол да му ги даде нему парите, а тој ќе ги сменел во банка и ќе и ги врател, за да таа не се мачи. Старицата му дала 9.000 денари и се договориле да го чека кај тениското игралиште во близина, но измамникот не се вратил.

Полицијата преема мерки за целосно расчистување на случајот.