Шест лица, од кои петмина од Македонија и едно од САД, успеале да сплетат измамничка мрежа од лажни идентитети и фалсификувани документи и од сметката на еден белграѓанец да украдат 120.000 долари.
Полицијата информира денеска дека поднела кривични пријави за повеќе кривични дела против Џ.Р. (60) од селото Обедник, Демир Хисар кој живее во САД, потоа против П.А. брокер во брокерската куќа Њу бриџ Секјуритис Корпорејшн од Њујорк, С.Р. (69) од село Обедник управител на „Ресуфи“, М.Р (55), Т.Н. (49) од Битола, П.Ѓ. од Битола директор на филијалата на „Комерцијална банка“ во Битола.
Измамата, како што соопшува полиција, почнала да се плете кога П.А. брокерот од Њујокр добил информации за личните податоци и парите што ги има на сметка А.Ј. од Белград и тие информации му ги предал на првопријавениот Џ.Р..
„Потоа првопријавениот со намера да се стекне со противправна имотна корист, користејќи го познанството на неговиот брат третопријавениот С.Р. со шестопријавениот П.Ѓ. директор на филијала, со употреба на невистинита лична карта со матичен број искористен од граѓанин на Битола, на која имало грешки и невистинити податоци, со лажно наведена адреса на живеење (адресата на петтопријавената Т.Н.) во средината на јануари годинава, поточно на 14.01. лажно пријавувајќи се како А.Ј. го довел во заблуда благајникот-трезорист во посочената филијала да му отвори девизна тековна с-ка при што се потпишал на Договорот за девизна тековна сметка искористувајќи го лажниот идентитет“, се наведува во соопштението од полиција.
Потоа, Џ.Р. фалсификувал писмо со нотарски печат и го испратил до банката во Њујорк барајќи да му бидат префрлени пари на друга сметка
„Банката од Њујорк на адресата на Т.Н. доставила писмено известување за доспеан прилив и трансфер на 112.129,53 USA $, при што на ден 22 и 23.01. годинава на девизната тековна с-ка на “фиктивниот“ А.Ј. биле исплатени во валута – 47.000 USD и уште 65.679 USD во денарска противвредност во висина од 2.988.395 денари со што првопријавениот противправно се стекнал со вкупно 5.101.894 денари“, велат од полицијата.
За да ја прикријат измамата и како Џ.Р. дошол до толку пари, сопственикот на “Ресуфи“ му овозможил да управува со средствата на фирмата, а во тоа им помогнал директорот на битолската филијала на „Комерцијална банка“.