Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ– Сектор за општ и насилен криминал во соработка со СВР Куманово, СВР Скопје и ОВР Свети Николе расчисти две кривични дела „измама“ извршени на 29.11.2023 и 10.12.2023 врз две жени од Куманово и Свети Николе.
Полицијата ќе поднесе кривична пријава против В.Е.И.(58) од Република Бугарија поради сомнение дека ги извршила делата.
-Осомничената ги сторила делата на тој начин што се јавувала кај оштетените и им кажувала дека нивните ќерки предизвикале сообраќајни несреќи и дека се наоѓаат во тешка состојба и затоа требале да дадат одредена сума на пари на лекар за да им бидат извршени хируршки интервенции, информира МВР.
На 03.01.2024 во 18.45 часот на Граничниот премин „Деве Баир“, полициски службеници ја лишиле од слобода В.Е.И., по што била пренесена во СВР Куманово, каде што бил извршен службен разговор со неа.