
Владата на денешната 55. седница го усвои Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Како што се наведува во соопштението од Владата, основна цел на овој Предлог – закон е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Суштинските измени што се предлагаат, како што се посочува, се однесуваат на изборот на управните тела и директори на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и во однос на финансирањето на работата на МРТ и АВМУ.
На предлог на Министерство за информатичко општество и администрација, Владата денеска го разгледа и усвои и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија, со основна цел за усогласување со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.